Ме привлекуваат бизарностите во нашето општество кои ги прифаќаме како нормални

Тематиките кои ме привлекуваат се менуваат многу често, не можам да кажам баш дека константно имам некоја конкретна насока. Во еден момент нешто се менува во мене, нешто ме допира, нештото го чувствувам интензивно и тогаш знам дека треба да направам филм. Тоа е една голема неизвесност за мене и затоа и многу ја сакам оваа професија. Генерално ме привлекуваат бизарностите во нашето општество, нештото што е абсурдно, но некако го прифаќаме како нормално и секојдневно. Темната страна на човекот кој се појавува во екстремни околности

 

Батухан Ибрахим е млад режисер кој зад себе има многу интересни проекти. Неговиот независен краток игран филм „Мавера“ го доби специјалното признание во ракмите на ИФФК „ Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во склоп на филмскиот фестивал „Sирни“ филмот ја доби и наградата за најдобар филм – “Данчо Чеврески”, а беше претставен и на маркетот за кратки филмови во склоп на интернационалниот филмски фестивал Clermont-Ferrand. Батухан Ибрахим се потпишува и на мултимедијалниот проект „Сеќавања“, како и на филмовите „Големата ноќ“, „Тишина“, „На ситно или на крупно“ и на „Твистед“, кој е наградуван и прикажан на повеќе од 15 фестивалии. Годинава тој е дел од жирито на „ЅИРНИ – Фестивал на Филм и музика“, кој во организација на „Котур“ започнува во понеделник и ќе трае десет дена. Со него разговаравме за фестивалот, за филмот и за неговите минати и идни проекти.

Трн: Минатата година на филмскиот фестивал „Sирни“ ја добивте наградата за најдобар филм – “Данчо Чеврески”, годинава сте дел од жирито. Во која улога се чувствувате подобро?

Батухан: Чувството е многу различно. Добивањето на наградата “Данчо Чеврески” за мене има многу големо значење, но сум многу среќен и горд што имав некаков природен пат да стигнам до позицијата жири и за тоа сум многу благодарен на тимот на „Sирни“ за нивната доверба. Сметам дека иницијативата на „Sирни“ е многу битна и многу сум горд што веќе неколку години на различни начини сум дел од фестивалот. 

Трн: Кажете ни што мислите за годинешната селекција на филмови на „Ѕирни“. Дали имавте прилика да погледенте некои од нив?

Батухан: Мислам дека селекторите завршиле одлична работа, во програмата имаме многу добри филмови. Исто така избрани се највпечатливите домашни филмови, но секако си оставам простор да ги гледам на платно, заедно со публиката и да ги почуствувам на вистински начин. Но, морам да кажам дека работата ќе ни биде многу тешка на нас како жири, од сите селектирани прекрасни филмови да избереме кои ќе бидат победниците.

Трн: Колку се важни според Вас фестивалите како „Ѕирни“ за филмаџиите, но и за љубителите на филмската сцена кај нас?

Батухан: Сметам дека се од исклучителна важност. За жал да се организира фестивал во Македонија е многу тешко, но им симнувам капа на тимот на „Sирни“ за нивната упорност, сериозност и зголемување на обемот на фестивалот од година во година. Преку „Sирни“ и останатите фестивали, филмаџиите имаат добра прилика да ги прикажат своите филмови на публиката, да се крене свесноста за домашните филмови и да се докажат нашите квалитети. Минатата година јас го искусив тоа чувство со скопската премиера на мојот филм „Мавера” каде што и бевме наградени. Таа енергија не може да се опише и предлагам сите да дојдат на проекциите за да можат да ја почуствуваат.

Трн: Вашиот филм „Мавера“ го доби специјалното признание во ракмите на ИФФК „ Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. Лани на филмскиот фестивал „Sирни“ ја доби наградата за најдобар филм – “Данчо Чеврески”. Филмот беше дел и други интернационални фестивали. Што е пресудно за да се направи еден добар филм  што ќе го сака и публиката и критиката?

Батухан: Искрен да бидам никогаш немам размислено за тоа како да направам добар филм и фокусот секогаш ми е да го направам тоа што го чувствувам и мислам. Пред се, публиката ми е приоритет, но верувам дека ако филмот е прифатен од публиката истото ќе важи и за критиката, а реалноста е дека најголемата критка е од публиката. Така да, не би имал конкретен одговор за ова прашање освен да кажам дека, јас го правам тоа што сакам да го гледам и го правам на начинот на кој сакам да го гледам.

Трн: Какви филмови сакате да правите, кои теми ве привлекуваат?

Батухан: Тематиките кои ме привлекуваат се менуваат многу често и не можам да кажам баш дека константно имам некоја конкретна насока. Во еден момент нешто се менува во мене, нешто ме допира, нештото го чувствувам интензивно и тогаш знам дека треба да направам филм. Тоа е една голема неизвесност за мене и затоа и многу ја сакам оваа професија. Но генерално, до сега, ме привлекуваат бизарностите во нашето општество, нештото што е абсурдно но некако го прифаќаме како нормално и секојдневно. Темната страна на човекот кој се појавува во екстремни околности.

 Трн:  На кои филмски проекти работите во моментов?

Батухан: Во моментов сум во подготовка на мојот нов краток филм „Големата Ноќ”. Веќе 3 години го развивам и на макотрпен начин бараме начини како да го финансираме филмот, но ете сето тоа ме мотивира. Исто така работам на документарниот филм „Водата”, кој е активистичка локална тема и ја разработува борбата за вода. Секако дека имаме уште многу проекти, но сметам дека се ќе дојде во свое време.

 Трн:  Ако не е филмот, што е она што ве окупира, она што сакате да го работите?


Батухан: Искрено, освен филмот и немам баш некоја окупација. Работите што ги правам како патување, фотографирање, долги пешачења, сепак се во функција за да размислувам на филмот што го работам во тој момент. Не знам дали е здраво до толку филмот да ми е окупација, но ете… Сметам дека за да може да се издржи процесот на креирање на филм, единствениот начин е ова, барем за мене.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни