Почетната точка на одбележувањето на Меѓународниот ден на сексуалните работници беше 2-ри јуни 1975 година, кога повеќе од 100 проститутки ја окупираа црквата Сен Низиер во Лион, Франција, со цел да го изразат својот гнев за нивните криминализирани услови за живот. На 10 јуни во 5 часот црквата била брутално нападната и расчистена од полицијата. Оваа акција иницираше национално движење, а денот сега се слави низ целиот свет.
Сексуалните работници бараат еднаков пристап до правда, здравствена заштита и други јавни услуги, како и еднаква заштита како и секој друг граѓанин. Нивното вклучување во програмите за донесување одлуки поврзани со сексуалната работа, би придонело за намалување на насилството, злоупотребата и дискриминацијата на сексуалните работници.
„На одбележувањето на 2 Јуни, Меѓународниот ден на сексуалните работници, беше истакнато дека сексуалната работа во земјава мора да се декриминализира за да се овозможи почитување на човековите права. Според податоците на ХОПС-Опции за здрав живот, во земјата во 2021 година биле регистрирани околу 200 сексуални работници, но бројката варира, што дополнително ја истакнува потребата од декриминализација. Со овој модел, сексуалните работници би имале подобра заштита и пристап до основни права, што би придонело за нивната безбедност и здравје.
Секоја година, СТАР-СТАР – првата организација предводена од сексуалните работници на Балканот, го одбележува Меѓународниот ден на сексуалните работници со цел да ја промени перцепцијата на пошироката јавност за сексуалната работа и да ги разбие сите стереотипи поврзани со сексуалните работници.
Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје е основано во 2010 година и претставува прв и единствен облик на самоорганизирање на заедницата на сексуални работници во Република Северна Македонија и на Балканот. Препознаени како СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, повеќе од 10 години СТАР-СТАР се залага за застапување и промовирање на правата на сексуалните работници во социјалниот, здравствениот и правниот систем на државата.
СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, во текот на месец јуни 2024 година ќе спроведе дигитална видео кампања насловена „Сексуалните работници се спротивставуваат на дезинформациите“, која има за цел да придонесе за намалување на дезинформациите во врска со сексуалната работа и сексуалните работници, кои се присутни на социјалните медиуми во Северна Македонија.
„Се залагаме да ја покренеме свесноста кај самите сексулални работнички, но да ја покренеме свесноста и кај општата популација и да се насочиме кон декриминализација на сексуалната работа односно сексуалните работници да бидат прифатени во општеството и сексуалната работа да биде прифатена како работа“, изјави Лила Митиќ, активистка за права на сексуални работнички и трансродови лица.
За време на дигиталната видео кампања во текот на месец јуни ќе бидат промовирани 5 кратки видеа (shorts) на социјалните медиуми со цел да се создадат позитивни наративи за овие теми помеѓу корисниците на социјалните медиуми во РСМ и да се намалат постоечките негативни и штетни наративи за најстарата професија во светот.
На долг рок, кампањата придонесува кон стратешки важна цел за заедницата на сексуалните работници, а тоа е поттикнување позитивна јавна дебата за декриминализација на сексуалната работа, како единствена политика која ќе обезбеди почитување на човековите права и слободи на сексуалните работници во едно демократско и праведно општество.
Видео кампањата е дел од проектот „Сексуалните работници се спротивставуваат на дезинформациите во Северна Македонија“, кој се реализира со поддршка од Фондацијата Метаморфозис, преку Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.
На Меѓународниот ден на сексуалните работници, 2 јуни 2024 година, и секој ден, УНАИДС се солидаризира со сексуалните работници за поддршка на нивното здравје.
Пресечните форми на структурна и општествена стигма и дискриминација, вклучувајќи ги казнените закони, политики и практики, ги прошируваат нееднаквостите и ги спречуваат сексуалните работници да можат да го заштитат своето здравје, безбедност и благосостојба. Криминализацијата создава бариери за овозможување пристап и прифаќање на виталните ХИВ превенција, тестирање и лекување, како и до услугите за сексуално и репродуктивно здравје. За сексуалните работници кои се трансродови, мигранти или од расни и етнички малцинства, повеќекратните и меѓусебните форми на дискриминација создаваат дополнителни бариери за услугите и ги зголемуваат ризиците од соочување со насилство и вознемирување.
Студија во субсахарска Африка покажа дека веројатноста за живот со ХИВ е седум пати поголема за сексуална работничка во земја која ја криминализира сексуалната работа во споредба со земја која ја декриминализира сексуалната работа. Друг преглед покажа дека криминализацијата на кој било аспект од сексуалната работа е поврзана со намален пристап и употреба на кондоми и зголемена стапка на насилство. Декриминализацијата на сексуалната работа може да спречи помеѓу 33% и 46% од ХИВ инфекциите меѓу сексуалните работници и нивните клиенти во период од десет години.
Меѓу земјите кои известуваат до УНАИДС, 22% од сексуалните работници доживеале стигма и дискриминација во изминатите шест месеци. 12% од сексуалните работници избегнале пристап до здравствени услуги поради стигма и дискриминација во изминатите 12 месеци. Секоја петта сексуална работничка доживеала насилство во изминатите 12 месеци.
Во моментов 168 земји имаат казнени закони кои криминализираат некои аспекти на сексуалната работа. Но, се поголем број јурисдикции ја препознаваат потребата од декриминализирање на сексуалната работа за да се заштитат сексуалните работници. Во мај оваа година, Квинсленд во Австралија стана најновата јурисдикција која ја декриминализираше сексуалната работа.
„За да се заштити здравјето на сексуалните работници, лидерите треба да ја забрзаат акцијата за справување со стигмата, дискриминацијата и насилството со кои се соочуваат сексуалните работници. Ова ќе бара декриминализација. Доказите се јасни: казнените закони ги повредуваат сексуалните работници и треба да се отстранат“, рече Кристин Стеглинг, заменик-извршен директор на УНАИДС.