Отворени врати до македонските ризници за историја и култура

Првите музеи настанале како приватни збирки на богати поединци, семејства и установи на уметнички предмети и ретки куриозитети од природниот свет и археолошки наоди. Стоеле изложени во таканаречени „соби на чудата“ или „витрини на занимливости“. Од јавноста, пристап имале само „пристојните“ граѓани, што особено важело за семејните уметнички збирки.

„Музеи, одржливост и благосостојба“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите, 18 мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.

Музеите низ земјава најавуваат отворени врати и бесплатен влез за посетителите, а во рамки на денот, ќе се одржат бројни промоции, изложби, работилници и едукативни активности, со цел да го доближат движното културно наследство до што поголем дел од јавноста.

„Постојат многу начини за музеите да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста, до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје“, информираат од Министерството за култура.

Времеплов низ музеите

Музеј е установа која се грижи за збирки на артефакти и други предмети од научно, уметничко, културно или историско значење и ги става на располагање за јавноста во витрини и други поставки кои можат да бидат трајни или привремени.

Првите музеи настанале како приватни збирки на богати поединци, семејства или установи на уметнички предмети и ретки куриозитети од природниот свет и археолошки наоди. Стоеле изложени во таканаречени „соби на чудата“ или „витрини на занимливости“. Од јавноста, пристап имале само „пристојните“ граѓани, што особено важело за семејните уметнички збирки. Досега најстариот ваков музеј за кој се знае е музејот на нововавилонската принцеза Ен-нигалди-Нана во Ур (-530 п.н.е.) кој содржел старини и ископини од подрачјето на Месопотамија. Пронајдените се и цилиндри со описни натписи за предметите, што значи дека збирката морала да има прилично голем број на посетители и да била подредена.

Категоризација на музеите

Постојат најразлични видови на музеи. Поголемите имаат поширок делокруг и опфаќаат повеќе категории, додека пак помалите се задржуваат на извесна тематика, место или значајна личност. Некои категории се: ликовна уметност, применета уметност, ракотворби, археологија, антропологија и етнологија, историја, наука, технологија, музеи на детството, природонаука, ботанички и зоолошки градини.

Во рамките на овие категории, постојат многу музеи со поголема специјализација, како што се музеите на современа уметност, народна уметност, локална историја, воена историја, воздухопловна историја, филателија, земјоделство или геологија. Посебен вид на музеи се „енциклопедиски“ или „универзални“ музеи, во чии збирки е застапен целиот свет и содржат поставки од уметничка, научна и историска вредност.

Во Македонија има 21 регистриран музеј

Велат кога влегувате во музеј, влегувате во историја. Секој од 21 музеи во земјава ја раскажува својата приказна. Едни ве навраќаат низ времето на историските периоди, други се фокусираат на одредена тематика.

Музеите не се распоредени само на територијата на Скопје туку ширум цела држава. Но ако го шетате главниот град и изразите желба за едно наврќање низ минатото можете да посетите еден од бројните музеи како што се:

Музеј на Македонија — музејска установа составена од повеќе музеи: археологија, етнологија, историја и уметност.

Музеј на современата уметност — музеј на современата уметност во Скопје е сместен на самиот рид Кале, во непосредна близина на истоимената тврдина, со особена задршка на модернизмот. Зградата на музејот е пуштена во употреба на 13 ноември 1970 година.

Музејот на криминалистиката претставува музеј на криминалистички експонати единствен од таков вид во Македонија. Се наоѓа во скопската населба Нова Колонија (Идризово). Во музејот се изложени над 3.000 експонати, стари повеќе од половина век, предмети, оружје од извршени тешки кривични дела, прободени срца, извадени со обдукција на жртвите, фетуси од нелегални абортуси, домашни лаборатории за хероин, пресечени полови органи, зачувани во тегли, и сл.

Музеј на Град Скопје е сместен во центарот на градот. Основан во 1949 г., а од 1970 г. Музејот е сместен во пренаменетиот дел од старата железничка станица која делумно била разурната во скопскиот земјотрес од 1963 г. Една третина од зградата, која останала релативно зачувана, денес е во функција на Музејот кој располага со простор од 4.500 м2, од кои 2.000 м2 е изложбен простор. Оттогаш до денес како комплексен музеј тој ја поврзува дејноста на подрачјето на археологијата, историјата, етнологијата, уметничката историја на подрачјето на Град Скопје.

Музејот на Старата скопска чаршија — музеј во Скопје, сместен во рамките на Сули ан во Старата скопска чаршија. Основан е како придружна институција на Музејот на Град Скопје во мај 1983 година, со задача да ја прикаже историјата, културната вредност и занаетите во чаршијата.

Националната галерија на Македонија е претставува комплексна музејска институција со изложбен и галериски простор, сместена во главниот град Скопје. Во Даут-пашин амам, монументален објект изграден со намена за турска бања, изградена во 15 век, која никогаш не профункционирала за својата примарна намена, сместена е Националната постаква, со дела од колекцијата. Во својот состав, покрај Даут-пашин амам, се уште три објекти: Мултимедијалниот центар Мала станица, Чифте амам и Спомен куќата на Лазар Личеноски.

Нумизматички музеј на Народната банка — музеј во зградата на Народната банка на Република Македонија во кој се изложени монети од најразлични периоди на македонската историја. Збирката денес брои околу 17 000 примероци на монети, медаљи, ексагии и модерни банкноти што е резултат на систематски откуп и донации, и со оваа бројка таа прерасна во најголема јавна нумизматичка збирка во Македонија.

Природонаучен музеј на Македонија — национален музеј што собира и чува, проучува, депонира и изложува природното богатство на Македонија. Тоа е најстарата биолошка усатнова во земјата која на простор од 1.400 м2 го претставува богатството на македонската геа, флора и фауна. Има постојани изложби на: минерали и карпи, фосили, растенија, безрбетници, инсекти, риби, водоземци и влекачи, птици и цицачи. Во Музејот се организираат и тематски изложби.

Музејот на македонската борба за самостојност се наоѓа во Скопје, Македонија, на левиот брег од реката Вардар. За главен архитект при изградбата на објектот бил избран Зоран Јордановски, а музејот бил изграден од претпријатието „Бетон“ од Штип. Музејот бил изграден во периодот од 2008 до 2011 година, и официјално отворен на 8 септември 2011 година, по повод дваесет години од прогласувањето на независноста на Република Македонија. Самата негова зграда е прогласена за културно наследство на Македонија.

Приказната за 150 години Македонски железници, преку експонати, документи и фотографии е раскажан во просториите на денешната Скопската железничка станица денеска требаше да го доживее и официјалниот старт, но како што велат од Железници тоа нема да се случи. Причината е што се уште не е изработен каталог со чип кој е потребен за категоризација на институцијата. Се уште не е познато на колкав временски рок е одложувањето.

Најстарите музеи од јавен карактер во светот се отворени во Рим за време на ренесансата

-Капитолските музеи се најстара јавна уметничка збирка во светот, започната во 1471 г. кога папата Сикст IV им подарил значајни антички скулптури на жителите на Рим.
-Ватиканските музеи се втор јавен музеј во светот по старост, започнат со јавното изложување на скулптури на папата Јулиј II во 1506 г.
-Амербаховиот кабинет, кој бил лична збирка, во 1661 бил купен од универзитетот во Базел и отворен за јавноста во 1671.
-Кралските оружарници во Лондонската кула е најстариот музеј во Велика Британија, отворен во 1660 г., а привилегираните посетители се примале уште од 1592 г. со наплата. Денес е распореден на три места.
-Уметничко-археолошкиот музеј во Безансон е основан во 1694 кога опатот Жан Батист Боазо им ја подарил личната збирка на бенедиктинските калуѓери за од неа да направат музеј отворен за јавноста по два дена во неделата.

-Кунсткамерата во Санкт Петербург, основана во 1717 во Кикиновата аула и отворена за јавноста во 1727 г.
-Британскиот музеј во Лондон, основан во 1753 и отворен за јавноста во 1759 г.Првичниот изложен материјал бил приватната збирка на Ханс Слоун.
-галеријата Уфици во Фиренца, која била отворена за посетители со закажување уште од XVI век, а за општата јавност во 1765 г.
-музејот Ермитаж, основан во 1764 од царицата Катерина Велика, отворен за јавноста од 1852 г.
-хабсбуршкиот дворец Белведере во Виена ја отворил за јавноста уметничката збирка во 1781 г.
-музејот Лувр во Париз (воедно и кралски дворец), отворен за јавноста во 1793 г.

Инаку, Меѓународниот ден на музеите се одбележува на 18 мај – датум избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ во 1977 година во Москва. Целта на одбележувањето е да се насочи вниманието на јавноста од целиот свет кон музејската дејност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни