Секоја година на 22 мај го славиме Меѓународниот ден на биолошката разновидност откако на денешен ден во 1992 година беше усвоена Конвенцијата за биолошка разновидност, која претставува прв глобален договор насочен кон зачувување на биолошката разновидност.
Темата на овогодинешниот Меѓународен ден на биолошката разновидност е „Биди дел од планот“, кој ги поканува владите, домородните народи, локалните заедници, невладините организации, бизнисите и поединците да ги претстават начините на кои ја поддржуваат имплементацијата на Акцискиот план за биолошка разновидност, меѓународно призната програма дизајнирана да ги заштити и обнови биолошките системи.
Визијата на Конвенцијата за биолошка разновидност е дека до 2050 година биодиверзитетот ќе биде обновен, активно зачуван и мудро искористен за сите луѓе да можат да имаат корист од екосистемот, а нашата планета да остане здрава, се наведува на веб-страницата на Конвенцијата.
Здравјето на луѓето зависи од заштитата на биолошката разновидност
Според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), луѓето досега успеале да идентификуваат и опишат околу 2,13 милиони видови животни – од кои 1,05 милиони се инсекти, над 11.000 птици, повеќе од 11.000 влекачи и околу 6.000 цицачи.
Познати се околу 380.000 видови растенија, близу 150.000 видови габи и само мал процент на микроорганизми, додека 99,999 отсто од видовите остануваат целосна мистерија.
Широк опсег на видови е она што обично го подразбираме под биолошка разновидност, иако вклучува и генетски разлики во секој вид – на пример, помеѓу сорти на култури и раси на добиток – како и разновидност на екосистемите (езера, шуми, пустини, земјоделски предели) во кои тие се јавуваат различни видови на интеракции меѓу живите организми, пишува Обединетите нации.
Зачувувањето на биодиверзитетот е од клучно значење за опстанокот на човекот бидејќи рибите обезбедуваат 20 отсто од животинските протеини за околу три милијарди луѓе. Повеќе од 80 отсто од човечката исхрана се состои од растенија, додека околу 80 отсто од луѓето кои живеат во руралните области на земјите во развој се потпираат на традиционални хербални лекови за основна здравствена заштита.
Луѓето се целосно зависни од здрави екосистеми кои ни обезбедуваат вода, храна, лекови, облека, гориво, засолниште и енергија. Губењето на биолошката разновидност може да доведе до ширење на зоонози – болести кои се пренесуваат од животните на луѓето, додека зачуваниот биодиверзитет не штити од пандемии како што се оние предизвикани од коронавируси.
Во моментов, има повеќе од 157.100 загрозени видови на Црвената листа на IUCN, а дури 44.000 видови се соочуваат со исчезнување. Најзагрозени се водоземците, ајкулите и зраците. Следат корали, четинари, бројни цицачи и птици.