Министерството за надворешни и европски работи на Словенија соопшти дека меѓу 13-те странски државјани, кои биле приведени и потоа протерани од Србија, се наоѓала и една државјанка на таа земја. Како причина за нејзиното протерување наведено е „загрозување на безбедноста на Србија“, јавува Н1 Словенија.
Според информациите на словенечкото министерство, словенечката државјанка била сослушана во полициска станица во Белград, по што била приморана да ја напушти Србија во рок од 24 часа. Исто така, ѝ била издадена забрана за влез во Србија на една година.
Српската полиција во понеделникот навечер привела група странски државјани кои учествувале во работилница на невладина организација од австриски фонд и универзитет. По повеќечасовното задржување, учесниците добиле налог да ја напуштат Србија веднаш, со истата забрана за влез.
Словенечкото министерство додава дека нивната државјанка „не побарала конзуларна помош и дека, според информации, веќе ја напуштила Србија“, а српските органи досега не ги информирале официјално за инцидентот.
Хрватска веќе упатила протестна нота до Србија заради протерувањето на пет хрватски државјанки кои биле учеснички на истата работилница. Не е познато дали и Словенија ќе направи исто.
„Словенечката амбасада во Белград, заедно со претставниците на другите држави-членки на Европската унија, чиј што државјани учествувале во инцидентот, ќе ги собере информациите, ќе го разгледа настанот и, согласно со сознанијата и своите овластувања, ќе реагира по потреба“, се наведува во соопштението.
Меѓу приведените странски државјани се и граѓани на Словачка, Северна Македонија, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка.