Ова е првата резиденција на Емануел Константинидис во Скопје и Македонскиот народен театар (МНТ). Tој за Трн ги споделува свои размислувања за градот, театарот, личната уметничка филозофија и улогата на театарот во времиња на глобални кризи. Разговорот ги допира темите на интеркултурниот дијалог, креативниот процес и значењето на слободата во уметничкото изразување.

Tрн: Ова е твоја прва резиденција во Скопје и во Македонскиот народен театар. Кои се твоите први импресии од театарот и градот?
Емануел: Самиот театар е жива институција со атмосфера која веднаш те тера да се почувствуваш добредојдено и инспирирано. Скопје е град полн со енергија и топлина, кој на интересен начин ја спојува традиционалната убавина со современиот пулс. Гостопримливоста на луѓето и уникатната мешавина од старо и ново оставија силен впечаток врз мене. Никола Кимовски, директорот на МНТ, беше исклучително среќен што е дел од оваа иницијатива и сметам дека е многу важно на вакви позиции да има луѓе со отворен ум и силна визија. Возбуден сум што сум тука и со нетрпение очекувам да го откривам културното наследство на градот и да се поврзам со заедницата.
Tрн: Кои цели си ги постави за време на резиденцијата во МНТ?
Емануел: Пред сè, цел ми е да ја продлабочам мојата перцепција за локалната театарска традиција и да се запознаам со актуелните уметнички тенденции и културниот живот во Скопје. Но, мојата главна цел е да создадам безбеден простор каде што јас и другите уметници — актери, режисери, писатели, перформери — ќе можеме да разменуваме идеи, перспективи и различни аспекти на современото театарско изразување. За мене, резиденцијата е идеална можност за истражување и експериментирање, за нурнување во внатрешниот свет и пронаоѓање на темите и материјалите кои уметникот сака да ги истражи и начините преку кои ќе го направи тоа.

Tрн: Што значи за тебе интеркултурниот дијалог во театарот денес и како влијае врз твојата креативност?
Емануел: Мислам дека секогаш треба да постои отворен дијалог, за да можам да разберам што е она што треба да го нагласам во секој перформанс. Интеркултурниот дијалог е уште поважен, бидејќи ја отвора свеста, ги проширува хоризонтите и носи нови искуства. За мене, дијалогот не мора да биде вербален – може да биде нем, во движење или во мирување, базиран на факти и реченици или сосема апсурден и ирационален – или сето тоа истовремено. Може да седиш со некого со часови без да проговориш, а телата сами да најдат начин на комуникација – или да не најдат. Токму набљудувањето на таквите „не-дијалози“, тие нијанси, контрадикции и секојдневни интеракции ме фасцинираат и ме инспирираат во мојата работа.
Tрн: Во твојата биографија велиш дека сакаш да започнуваш проекти од нула. Што значи тоа за тебе како уметник?
Емануел: Тоа значи дека најчесто работам според сопствена нарација. Досега, се трудам да создадам свој перформативен јазик, а за да го направиш тоа, според мене, мораш да почнеш од нула. Да најдеш што те интересира, што те инспирира, што чувствуваш потреба да го изразиш како уметник – и таа потреба да те води кон создавање слики и нови изразни форми. Мене ми е инспиративно да истражувам додека перформансот се случува, наместо однапред да замислувам конечен резултат. Перформансот е жив и често те води во сосема неочекувана насока. Тоа може да биде интересно – или не. Но суштината е во истражувањето на „суровите“ идеи, слободното експериментирање и дозволувањето интуицијата да ја води работата, пред структурата и правилата.

Tрн: Твоите продукции често се базирани на оригинални текстови. Од каде доаѓа инспирацијата за темите што ги истражуваш?
Емануел: Инспирацијата најчесто доаѓа од лични искуства и набљудувања на светот околу мене. Контрадикциите ме фасцинираат – на пример, некој може да биде истовремено многу осамен и многу популарен, екстровертен но анксиозен. Тоа се идеи што просто ми се појавуваат – додека одам, купувам намирници или чекам во лифт. Една мисла се појавува, една слика, и почнувам да ја анализирам. Понекогаш ја заборавам, понекогаш ја запишувам, а понекогаш таа мисла станува текст.
Tрн: Работиш како актер, режисер и драмски автор. Како ги балансираш овие различни улоги?
Емануел: Ги гледам како длабоко поврзани делови од истото креативно патување. Секоја улога ја збогатува и надополнува другата. Во МНТ ќе одржам работилница насловена „Левијатан: студија за суштества и апсурдноста“, која најверојатно ќе се одржи во октомври. На работилницата се поканети актери, режисери, перформери и сите уметници што сакаат да ги прошират своите креативни и сценски хоризонти – без ограничување на возраст. Ќе истражуваме како овие различни улоги се поврзуваат и како играат суштинска улога во раѓањето на перформансот. Отворениот повик ќе биде објавен наскоро од МНТ и со нетрпение очекувам да се запознаам и да работам со сите што ќе се приклучат.

Tрн: Како ја гледаш улогата на театарот во време на политички, социјални и еколошки кризи?
Емануел: Сите сме на ист брод и го бараме копното. Театарот и уметноста не се самото копно, но се тука да ни помогнат да го разбереме морето под нас. Политичките, социјалните и еколошките кризи се како силни ветрови што ги разбрануваат водите и создаваат големи бранови. Уметноста во тие моменти игра клучна улога – секоја форма на свој начин. Некој ќе вика, некој ќе сака да се смири, некој ништо нема да разбере, а некој ќе посака да го напушти бродот. Не знам… можеби и не е така. Но сигурно е дека уметноста е тука да ни помогне да се разбереме себеси и светот околу нас.