Научниот собир што се одржува во организација на повеќе институции од земјава и Универзитетот „Хамболд“ од Соединетите Американски Држави, е со поддршка на Општина Охрид.
На настанот беше речено дека годинава навршуваат 45 години кога меѓународната стручна јавност ги препозна уникатните вредности на Охрид и го стави на листата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство.

Директорот на симпозиумот проф. д-р Љубен Тевдовски потсети дека Охрид е симбол за материјалното и духовното наследство на македонскиот народ, но и значајна точка, вруток на европската, медитеранската и светска цивилизација.
„Денес се инспирираме и ја пресоздаваме нашата милениумска Охридска и македонска традиција. Нашиот македонски, европски, медитерански и светски бисер на археолошко и културно наследство Охрид, денес се трансформира пред нашите очи во модерен центар за фундаметални анализи и методолошка строгост. Нова значајна точка на постојани средби на медитеранските археолози посветени на обновувањето и постојано преосмислување на археологијата како научна дисциплина, развојот на нова свест за недореченостите и заблудите во науката и општеството, обезбедувањето нови пристапи во проучувањето и разбирањето на нашето заедничко минато и соочувањето со медитеранските и глобалните предизвици до денешноста и иднината“, рече тој.
Според него, „Меѓународниот симпозиум за теоретска и медитеранска архологија Лихнида“, е израз нашата заедничка посветеност на долгорочна промоција на мирот, културното разбирање и заштитата на заедничкото наследство на човештвото.
Во рамки на Симпозиумот е одржана пред-промоција на книгата „Етиката во археолошката практика“ од професорите Пол Белфорд и Гери Вејт, што својата светска промоција ќе ја има на „Келог колеџот“ на Универзитетот во Оксфорд.