Меѓународен шаховски турнир организираше ГШК „Кочани“ во спомен на жртвите од клубот „Пулс“

Градскиот шаховски клуб „Кочани“ е домаќин на првиот Меѓународен турнир во шах што се организира во спомен на жртвите од пожарот во клубот „Пулс“ и за хуманитарна помош во третманот на повредените во трагедијата.

Под мотото „Играме шах за Кочани“ турнирот се одржува со поддршка од Општина Кочани и од Шаховската федерација на Македонија, а учествуваа 115 шахисти од сите клубови во државата, како и од Србија, Бугарија и Албанија. Иако беше најавено учеството, не допатуваа натпреварувачи од Црна Гора и Косово, но нивните шаховски федерации учествуваа со финансиска помош за повредените.

На отворањето на турнирот, претседателот на ГШК „Кочани“, Благој Ситновски најави дека тој ќе биде традиционален и секоја година ќе се одржува на една недела пред 16 март. Од македонската шаховска федерација нагласија дека на натпреварите ќе се игра забрзан шах во девет кола по швајцарски систем, а турнирот ќе биде отворен за сите шахисти, без оглед на рејтинг, титула или место на живеење.

-Шаховската јавност во Македонија покажа дека сочувствува со Кочани и со семејствата на лицата кои го загубија животот, како и со повредените во несреќата на 16 март, и таа трагедија никогаш не треба да се заборави. Турнирот ќе продолжи да се одржува и во наредните години и ќе се рејтингува согласно ФИДЕ-правилата, истакна Зоран Стојчевски, член на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија.

Меѓународниот шаховски турнир го отвори в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски нагласувајќи дека главна цел е да се врати популарноста на шаховската игра меѓу младите, за што Локалната самоуправа ќе обезбеди соодветна финансиска и друга поддршка.

Наградниот фонд за турнирот го обезбеди Општина Кочани, а сите приходи ќе бидат донирани во фондот за загинатите и повредените во несреќата во клубот „Пулс“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни