„Мајка – Можната приказна за мајка Тереза“ на Теона Митевска поддржан од Агенцијата за филм

Филмот „Мајка-Можната приказна за мајка Тереза“, во Режија на Теона Стругар Митевска доби најмногу средства во првиот круг од Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2023 година на Агенцијата за филм.

Филмот, во кој сценаристи покрај Стругар Митевска се и Гоце Смилевски и Елма Татаргиќ, е единствен поддржан долгометражен игран филм со македонски мнозински удел и доби 37 милиони денари.

Агенцијата поддржа и два долгометражни документарни филмови со македонски мнозински удел. По два милиони денари ќе добијат „Неколку споменици повеќе, неколку луѓе помалку“ на Анета Лешниковска и „Вера и јас“ на Марија Џиџева.

Поддржани се и четири краткометражни играни филмови каде државава ќе има мнозински удел: „Може да се случи секому“ на Лидија Мојсовска, „Балканска Рута“ на Златко Калеников, „Преку рамката“ на Ибрахум Деари и „Задоцнети шрапнели“ на Јане Алтипармаков, како и два краткометражни документарци: „Невидливото“ на Елеонора Венинова и „Последна станица“ на Ана Опачиќ.

На конкурсот се поддржани и долгометражни играни филмови, каде Северна Македонија ќе има малцински удел: „Додекамерон“ на режисерот Минос Папас, „Хатиџе и Шабан“ на Висар Морина, „На се` ќе дојде крај“ на Рајко Грлиќ, Капка – Вода на Роберт Будина, „Отецот наш“ на Горан Станковиќ, „Изгубениот син“ на Дарко Штанте, „Бело се пере на 90 степени“ на Марко Набершник и „Напуштањето на Еден“ од Генц Пермети. Овие проекти се поддржани со суми од по 2,4 до 3 милиони денари.

Дополнително во првиот круг на Конкурсот средства ќе добијат и три дебитантски краткометражни играни филмови и три кратки анимирани филмови со македонски мнозински удел.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни