Луксузниот предмет, Фаберже медалјон во форма на јајце вреден 33.585 новозеландски долари (околу 19.300 американски долари), сè уште не е пронајден, потврди полицијата за локалните медиуми. Полицајците интервенирале во продавницата Partridge Jewellers во центарот на Окленд во петокот попладне, а осомничениот 32-годишник бил уапсен само неколку минути подоцна. Тој бил подложен на медицински преглед и останува во притвор.
Според описот на златарата, наводно украденото Фаберже јајце е украсено со 60 бели дијаманти и 15 сини сафири, а во неговата внатрешност се наоѓа минијатурен октопод изработен од 18-каратно злато. Медалјонот, наречен Octopussy egg, е инспириран од истоимениот филм за Џејмс Бонд од 1983 година, чија приказна се врти токму околу кражба на Фаберже јајце.
Компанијата Fabergé, основана во Русија пред повеќе од два века, е позната ширум светот по своите уникатни накитни јајца изработени од скапоцени метали и камења.
Осомничениот повторно ќе се појави пред суд на 8 декември. Според медиумските извештаи, тој се товари и за наводна кражба на iPad од истата златара на 12 ноември, како и за крадење производи за мачки во вредност од 100 новозеландски долари од приватен дом ден подоцна.
Извор: BBC
