Матуранти од „Михајло Пупин“ измислија уред со ЛЕД светла за чистење заби при долги патувања

Отворени сме за соработка со заинтересирани компании, со цел да се задоволи потенцијалната голема светска побарувачка за овој производ. Имаме направено прототип, па следен чекор би сакале да биде сериско производство и продажба, вели матурантот Фидан Маџоски

„Иноклин“ (Innoclean) e името на уредот кој го создале матуранти во училиштето „Михајло Пупин“, а чии „сини” UVB-LED светла, го спречуваат брзиот развој на бактерии во устата и забите, во време кога луѓето се на подолг пат и немаат услови за редовно одржување на оралната хигиена.

Фидан Маџоски, Марија Јованова, Зорица Геровска, Стефан Јанковски и Андреј Тодоров, се младите ентузијасти, на кои им биле потребни 20 дена да го создадат „Иноклин“. Како што за Мета.мк вели Маџоски, овој уред би можел да има широка примена, со оглед на фактот дека има илјадници патници низ светот кои секојдневно долго патуваат, а уредот може да го користат и камионџиите, авто-превозниците, војската.

„Понекогаш, за да стигнете до посакуваната дестинација, потребно е да замените и по неколку авионски летови. Покрај безбедноста, за време на овие патувања потребно е да се погрижите и за оралната хигиена. Токму грижата за забите е еден од најголемите предизвици со кој што се соочуваме за време на овие патувања. Поради нехигиенските услови во тоалетите во авионите и аеродромите, луѓето се одлучуваат да почекаат да стигнат до својот хотел и да ги исчеткаат своите заби. Но, со нашиот производ, сè што треба да направите е да го земете со себе во вашиот џеб. Електрониката и батериите се сместени во кутивче изработено на 3д принтер со пластика која не е токсична за човековиот организам и животната средина“, појаснува Фидан.

Тимот ентузијасти од „Михајло Пупин“. Фото: Филип Маџоски

Tие овој уред го создавале еден месец. Прво започнале со дизајнирање на кутивчето со соодветни димензии.

„Потоа, на кутивчето додадовме УВБ-ЛЕД светилки и електроника, за уредот да функционира“, појаснува Маџоски.

Нивната иновативна идеја била наградена на последниот Национален натпревар организиран неодамна од организацијата „Џуниор ачивмент“, на кој со свои идеи, се натпреварувале 116 средношколци од 21 училиште од 12 градови од земјава.

Маџоски вели дека нивниот тим е отворен за соработка со заинтересирани компании, со цел да се задоволи потенцијалната голема светска побарувачка за овој производ.

„Имаме направено прототип и следен чекор би бил сериско производство и продажба. Би сакале да успееме ова да не остане само на прототип“, потенцира Маџоски.

Извор: https://meta.mk/maturanti-od-mihajlo-pupin-izmislija-ured-so-led-svetla-za-chistenje-zabi-pri-dolgi-patuvanja/

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни