Тоа се младите кои сред основно образование беа затворени во соби и екрани, на кои училиштето им беше зум-сесија, а другарството – нотификација на Вибер. Тие не ја почувствуваа радоста на реалната средба со соученици, не изградија длабоки релации со наставници, не ја развија критичката мисла преку искуство. И најважно – никој навистина не се врати по нив. Образовниот систем премина натаму, а тие останаа недораснати таму каде што требаше да бидат најмногу формирани.
Потоа дојдоа трагедиите. Кочани. Пожарот што во оган ги запечати границите на институционалната неспособност. Неправдите што се наталожија. Смртта на Фросина Кулакова, уште еден симбол на тивката ерупција на една запоставена генерација. Револтот што никогаш не доби соодветен политички одговор. Тагите што беа оставени сами да си ги гаснат – со музика, протест или апатија.
Во ваков контекст, матурската вечер е симболичен момент на преживување. Во очите на матурантите годинава не блеска само младоста – туку и нешто поинакво, подлабоко. Блеска едно прашање што тивко го поставуваат додека наздравуваат во ресторани, кафулиња и училишни холови: „Што следува понатаму? И каде ќе бидам јас за пет години?“
Тие се генерацијата која преживеа карантин, маски и страв, која ја виде безмоќноста на системот при пожарот во Кочани, која ја почувствува тагата на Фросина Кулакова, која го доживеа бесот на неправдата, а често не доби ниту простор за да праша: „Зошто?“ Сето тоа остави траги што не се гледаат на матурските фотографии, но се длабоко всадени во секој нивен избор, сомнеж и чекор напред.
Оваа година матурските прослави поминаа релативно мирно, без поголеми инциденти. Од Брза помош велат дека само еден матурант бил донесен, и тоа од Градски парк Скопје.

„Со пет екипи добро поминавме за матурските, само еден матурант беше во Брза помош, донесен од Градски Парк Скопје. Најверојатно годинава едукацијата беше подобра или барем на повисоко ниво, или нашите полициски сили беа распоредени низ градот. Дискотеките беа затворени. Релативно мирно поминавме за време на матурските прослави. И да се надеваме дека ќе примат персонал, затоа што пет екипи се премалку за цело Скопје и за приградските населби кои гравитираат околу градот, за сите околни патишта и автопати се наши, еден граничен премин, меѓународниот аеродром и сè друго. Возила имаме, немаме персонал!“ – велат од Брза помош.

Претседателот на Унијата на средношколци на Македонија, Берин Мухамед, потврдува дека годинава моделот на прославување бил променет.
„Колку што сум информиран, матурантите прославија оваа година матурска забава по ресторани, не по дискотеки. По дискотеки одат на афтер, и се организираат од самите ученици. Многу зависи од училиште до училиште – некои откупиле кафуле, некои вила. Затоа што генерално дискотеките се затворени, не можеа да ги користат, особено кога зборуваме за една бројка од 200 – 300 матуранти од едно училиште.
Ние, како Унија на средношколци имавме само реакција зошто матурантите доаѓаат со автомобили, со посилни од дозволените 77 киловати. Но, многу е мал бројот на оние што дојдоа со коли во границите. Генерално, имавме замерка и за алкохолот. На секое славење беше присутна и полиција – за брза интервенција. Имаме информација дека Јосип Броз Тито се собрале пред гимназија, Никола Карев беа во Евент Центарот, Орце Николов во холот од училиштето, Јахја Кемал изнајмиле вила, Зефљуш Марку откупиле кафуле.“
И додека дел од институциите се обидуваат да понудат рамка за достоинствено славење, поважното прашање останува: што ги чека овие млади утре? Каква е нивната подготвеност за живот, за факултет, за вредности?

Професорот по филозофија во гимназијата „Георги Димитров“, Ристо Чулев, предупредува дека системот го промашил вистинскиот фокус:
„На прашањето дали матурантите се спремни за следните животни предизвици, одговарам дека поголемиот број од нив не се спремни. Причината за тоа се лажните вредности во општеството. Одговорни се сите што ги поддржуваат лажните вредности и сите што можат да придонесат учениците да се воспитуваат и образуваат според вистински вредности, а не прават ништо…
Не е можно да се поставуваат реални цели а да се постигнуваат со нереални методи. Не е можно да се постигне квалитет без квалитетна работа. Марко Цепенков рекол: ‘Дур не вложиш 9, не можеш да земеш 10’. Потребни се сериозни вредности, сериозни цели, сериозна работа, почит за наставниците, почит за учениците, родителите и општеството, за да може да направиме генерации кои ќе ги надминуваат животните предизвици квалитетно.“
Но додека наставниците повикуваат на вистински вредности, бројките продолжуваат да зборуваат гласно. Од минатогодишните 15.481 матуранти, околу 6.000 заминале во Словенија, според податоците на Кристијан Поповски – претставник на македонските студенти таму. Во последните шест години, над 21.000 млади од Македонија заминале да студираат таму – бројка која е речиси еднаква со бројот на дипломирани студенти на УКИМ во истиот период.
Во ова општество, вредностите што се нудат на младите се опасно површни. „Најважно е да изгледаш убаво на матурата и да добиеш лајкови“ – ова не е шега, ова е сведоштво. Кога општеството не нуди сигурност, дом, кариера или перспектива, младите ја бараат вредноста таму каде што ја има – во изгледот, во статусот, во виртуелната прифатеност. Тоа не е нивен срам, туку наша вина.
Оваа генерација матуранти нѐ предупредува. Тивко, но остро. Нивната тишина е гласна колку еден протест. Нивната збунетост е резултат на нашата неодговорност. Секој од нив е приказна за нечуено растење, за борба без поддршка, за преголема зрелост што никогаш не беше барана, но мораше да се стекне.
Матурата не е само крај – таа е огледало. Огледало во кое треба сите да се погледнеме: образованието, институциите, политичарите, родителите, новинарите, граѓаните. Она што ќе го видиме – ќе зависи од тоа колку ќе бидеме искрени. Зашто, ако не почнеме да ги слушаме овие млади сега, ќе ги изгубиме. Не само телесно, преку иселување. Туку и ментално, преку откажување, апатија и презир кон сѐ што им го должиме, а никогаш не им го дадовме.
Матурата е празник – но нека биде и аларм. Ако оваа генерација излезе, но не се врати – ќе изгубиме многу повеќе од ученици. Ќе изгубиме иднина.