„Матица македонска“ ја почнува акцијата „Со книга на плажа“

Издавачката куќа „Матица македонска“ од денеска почнува со акцијата „Со книга на плажа“. Како што соопштија, над 3000 наслови ќе бидат овозможени со попуст до 70 проценти, меѓу нив и најчитаните македонски и странски книги и автори. Акцијата ќе трае до 20 август оваа година.

-Мисијата за афирмација и попуаризација на книгите на македонски јазик кај читателите не запира, а оваа акција овозможува и во летните месеци, кога семејствата се изложени на поголеми трошоци да можат да си овозможат книгата постојано да е дел од нивното секојдневје. Не само како подарок, туку како задоволување и на личната потреба да се чита и да се живее со литературата. Љубителите на книгата и членовите на Клубот „Матица“ ексклузивно ќе имаат убава можност од богатата колекција на изданија да ги збогатат своите библиотеки по исклучително достапни цени, соопштија од издавачката куќа.

Како што потенцираат, со цел книгите на македонски јазик и натаму да се сѐ поприсутни во секој македонски дом, попустот ќе се однесува и на најактуелни изданија. Акцент е ставен и на книгите од македонските автори, како и на најновите бестелери од светски познати автори.

Како што појаснуваат во нивното соопштение, романи за сите генерации, семејни приказни, автобиографии, фанстастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, есеистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, книги за деца, енциклопедии, духовна литература, книжевна критика, поезија и разни креативни изданија ќе бидат овозможени во книжарницата на „Матица македонска“.

-Години наназад, со акцијата „Со книга на плажа“ и со манифестацијата „Книга во секој дом“ на „Матица македонска“ се потврдува дека и во време кога новите технологии земаат најсилен замав, во Македонија има сериозна и бројна читателска публика, која бара книгата соодветно да дојде до неа. „Матица македонска“ настојува да го оствари токму тоа за македонските читатели, за навистина да се овозможи книга во секој дом. Во одреден период, веќе се успеа македонската продукција да биде застапена со огромни 83 проценти, и во исто време бројот на читатели-членови на „Клуб Матица“ да покажува дека читателската публика е зголемена и за повеќе од 40 пати, велат од издавачката куќа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни