Македонскиот продуцент Матеј Џајковски (BigSlav) номиниран за Греми

Албумот „Access All Areas“ на британската група FLO, на кој работеше Џајковски, е номиниран за „Best Progressive R&B Album“ на 68. Греми награди.

Македонскиот музички продуцент Матеј Џајковски, познат под уметничкото име BigSlav, доби престижно меѓународно признание — албумот „Access All Areas“ на поп-R&B триото FLO, на кој тој соработуваше како автор и продуцент, е номиниран за Греми награда.

Албумот е номиниран во категоријата „Best Progressive R&B Album“ на 68. издание на Греми наградите, што ќе се одржи на 1 февруари следната година во Crypto.com арената во Лос Анџелес.

Џајковски е коавтор и копродуцент на песната „On & On“, која брзо стана фаворит меѓу фановите на FLO. Само неколку месеци по издавањето, композицијата се искачи на високи позиции на Billboard, како и на популарните радио-станици низ САД, каде што останува постојано присутна.

По објавувањето на „Access All Areas“, албумот веднаш достигна #1 позиција на Apple Music во САД и Велика Британија, што дополнително ја потврди растечката слава на FLO како едни од најперспективните млади артисти на денешната музичка сцена.

Ова е прва Греми номинација за Матеј Џајковски, кој веќе подолго време живее и работи како музички продуцент во Лос Анџелес. Името на BigSlav не му е непознато на светската индустрија — неговата музика се најде и на саундтракот на хит-серијата Inventing Anna на Netflix, која беше една од најгледаните серии во годината на нејзиното објавување.

Номинацијата доаѓа како значајно признание не само за индивидуалниот успех на Џајковски, туку и како уште една потврда за присуството на македонски таленти на глобалната музичка сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни