Мастило, календар и што уште не измислиле Египќаните, а го користиме и денес

Некои работи толку многу време се во употреба што не сме ни свесни како и кога некој ги измислил. Древната египетска цивилизација е позната по многубројните изуми кои се користат и денес, а ова се само дел од нив.

Календар

Иако може да ни се чини дека поделбата на годината на денови е нешто што отсекогаш постоело, сепак календарот за прв пат бил употребен кај Египќаните кои го креирале за да можат да ги следат земјоделските сезони. Благодарение на календарот тие можеле да ја предвидат следната поплава која би ја предизвикал Нил. Интересен факт е дека календарот бил составен од 12 месеци, а секој месец броел 30 дена. Иако, календарот претрпел промени во текот на историјата, сепак Египќаните ги поставиле темелите на оној што го користиме денес.

Мастило и папирус

Старите Египќани секогаш барале начин како да ги документираат настаните, па од тука се родила потребата за мастило. Првото мастило било создадено со помош на мешавина од растителна гума, пепел и пчелин восок, а наместо хартија се користел папирус.

Шминка

Сигурни сме дека повеќето од вас би помислиле дека шминкањето е прилично модерна работа, ама вистината е малку поинаква. Шминката за очи била измислена пред новата ера, а настанала со мешање на пепел и галенит за да се добие специјална црна смеса која потоа се користела како молив за очи. Не само жените, туку и мажите ја користеле шминката во древниот Египет и претставувала статусен симбол, но се користела и за религиозни цели. Старите Египќани верувале дека шминката ќе ги заштити од злите демони.

Фризури и бричење

Древните Египќани биле првиот народ во историјата кој почнал да ја потстрижува косата. Долгата коса се сметала за знак на неодржување хигиена, особено ако се земе предвид египетската жештина. Поради тоа, се развил трендот на бричење или носење кратка коса при што биле измислени и првите „жилети“. Секако, тие изгледаат многу поразлично од оние денес, но целата таа култура започнала токму во стариот Египет.

Брави

Можете ли да замислите дека некогаш не постоеле брави на вратите? Првата брава била измислена токму од страна на Египќаните, а била дизајнирана на начин што би се отворала со поместување на соодветен клуч. Сепак, со оглед на тогашното знаење и технологија, бравите биле многу поразлични од денешните – биле големи околу половина метар и биле тешки и гломазни.

Извор: dnevnik.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни