Човекот кој зад себе има четири феноменални филмови кои освоија награди на фестивали ширум светот, е професор на престижниот Факултет за драмски уметности во Белград, каде што со години несебично ја пренесува својата љубов кон седмата уметност на своите студенти.
Денеска на ФДУ во 11 часот Голубовиќ ќе одржи мастерклас во рамките на програмата на Киненова.
-Домашниот филм повеќе нема публика во кината каква што имаше порано, а денес постои сè поголем јаз помеѓу комерцијалниот филм и она што го нарекуваме авторски филм. Филмот се прави за публиката, тоа е сигурно, но денес таа публика е низ целиот свет. Фестивалите се само платформа за понатамошниот живот на филмот, потоа доаѓаат кината, па телевизијата и платформите. Денес сме во можност да гледаме филмови од целиот свет дома. Значи, и нашите филмови имаат нов живот и нова публика, низ целиот свет. Секако, има многу филмови, сега филмови се снимаат на сите континенти и тие се многу добри, па затоа не е лесно да се стигне до таа публика, вели Голубовиќ.