Massive Attack – судир на светови, глас на внатрешен бунт, емоција од секој тон што веќе со децении шета низ градовите на светот и ги буди оние што се осмелуваат да чувствуваат повеќе.
Родени во Бристол, градот каде што уметноста и отпорот никогаш не спијат, Massive Attack се цел универзум на звук, став и визија. Роберт Дел Наја (3D), Грант Маршал (Daddy G) и Ендру Вејкфилд (Mushroom) во 1988 го создадоа темелот на она што денес го знаеме како trip-hop – жанр што не можеш да го дефинираш со зборови, само со чувство.

Кога во 1991 ќе се појави нивниот прв албум Blue Lines, светот тивко се навалува наназад. „Unfinished Sympathy“ е ролеркостер, болка во стомак, љубовна болест и надеж во едно. Музика што не бара внимание, туку го зема.
Но Massive Attack никогаш не беа само за слушање. Тие се за гледање, чувствување, размислување. Со Protection (1994), со Mezzanine (1998), тие влегоа под кожа и таму останаа. „Angel“, „Risingson“, „Teardrop“… песни што стануваат дел од животниот ритам, како да ти чукаат во темпото на срцето.
„Teardrop“ – таа посебна, недопирлива. Кога ќе почне оној тивок, ритмичен тапан, кога влезе вокалот на Елизабет Фрејзер, светот станува прозорец низ кој гледаш кон внатрешноста. Тоа е состојба. Молитва. Спој меѓу кревкоста и моќта, меѓу изгубеното и пронајденото.

А во центарот – Роберт Дел Наја. Гласот, четката, протестот. Активист, графити уметник, визионер. Неговиот визуелен свет секогаш одел рака под рака со звукот. Дури и онаа теорија дека тој е Бенкси не изгледа како теорија, туку како нешто што има смисла. Двајцата се родени од ист град, од ист отпор, од иста потреба за израз што менува.

И сега Massive Attack доаѓаат во Скопје. Не по прв пат – но овој пат е нешто сосема друго.
Бидејќи Скопје зрее. Град со минато што постојано го носи како белег, но и со нов пулс, со нови простори и луѓе кои не само што создаваат, туку и бараат вистинска уметност, вистинска вибрација. Град каде што уличките од Чаршијата сè уште шепотат историја, а графитите на Железничка врескаат за иднина. Град каде што едно младо момче или девојче може да застане на кров во Кисела Вода и да слуша „Teardrop“ додека гледа како Скопје се буди под неонските светла.

Нивниот концерт во Домот на Армијата (Стадион) ќе биде момент каде што звукот ќе стане молк, а светлината ќе биде мрак што осветлува. Ќе биде шанса сите ние – оние што растевме со нивната музика, и оние што штотуку ја откриваат – да се најдеме на исто место, со исто срце и ист трепет.

Massive Attack се враќаат во град што ги чекаше долго. И ќе ги дочека со полни гради, со срце на дланка, и со свест дека уметноста е оружје, а музиката е лек.