Масовен собир пред српското Собрание: расте поддршката за Дијана Хрка, полицијата дозволи пристап до „Чациленд“

Пред српското Собрание во Белград вечерва се собра голем број граѓани за да и дадат поддршка на Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка — еден од 16-те загинати при падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.

Таа од утрово штрајкува со глад, барајќи од властите правда и одговорност за трагедијата што го потресе целиот регион.

На местото има и големо полициско присуство, вклучувајќи бригада за разбивање демонстрации, распоредена долж оградата околу плоштадот пред Парламентот. Според информациите на српските медиуми, полицијата попладнево дозволила групи граѓани да влезат во шаторското насeле познато како „Чациленд“, каде што се собираат поддржувачите на Хрка.

Истовремено, граѓани излегоа и во други градови — во Врбас е одржан протест пред просториите на Српската напредна странка, а во Суботица група демонстранти блокираше централна раскрсница со транспаренти „Поддршка за Дијана Хрка“ и „Мајки со мајката против машинеријата“.

Меѓу присутните пред Собранието има и средношколци и студенти кои пешачат од Нови Сад до Белград во знак на поддршка. Еден од нив, Богдан, изјави за медиумите: „Ова е почеток, не смееме да се откажеме. Време е да се распишат избори и да има одговорност.“

Во меѓувреме, дел од студентите од Ниш останале без документи, откако нивниот превозник, Миломир Јаќимовиќ, беше уапсен, а автобусот запленет.

Напнатоста пред Парламентот е сè поголема, иако ситуацијата засега останува мирна. Полицијата со штитови е поставена меѓу насобраните граѓани и оградата околу зградата на Собранието, додека илјадници продолжуваат да пристигнуваат во „Чациленд“ со пораки за правда, одговорност и поддршка за Дијана Хрка.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни