Тие уживаат во снегот, јаваат санки влечени од ирваси, пијат коктели во ледениот бар или дури се среќаваат со самиот Дедо Мраз во главниот град на финска Лапонија, Рованиеми, кој гордо се нарекува „официјален дом на Дедо Мраз“.
Забавниот парк во селото на Дедо Мраз, кој привлекува повеќе од 600.000 посетители годишно, е особено популарен за време на празничната сезона.
„Ова е како мојот сон да се оствари“, сведочеше полската посетителка Елзбиета Назарук.
„Навистина сум возбудена што сум овде“.
Сепак, некои локални жители не го делат тоа празнично расположение, тврдејќи дека станбените домови се заменуваат со туристички изнајмувања, повторувајќи ги поплаките популарни низ Европа за прекумерниот туризам
Туризмот во Рованиеми цвета, а сопствениците на хотели и ресторани, како и градските власти ги бројат парите што ги носи.
Сепак, не се сите среќни поради приливот на посетители, десет пати поголеми од населението во градот, кои доаѓаат секоја година за време на Божиќ.
„Загрижени сме поради прекумерниот развој на туризмот. Туризмот порасна толку брзо што повеќе не е под контрола“, вели 43-годишниот фотограф Анти Паканен, член на мрежата за домување која организираше протестна прошетка низ градот во септември.
Ова чувство се споделува и во други популарни европски туристички дестинации, вклучувајќи ги Барселона, Амстердам, Малага и Фиренца.
Во последните години, локалните жители се повеќе протестираат против прекумерниот туризам.
Овертуризмот генерално го опишува моментот кога посетителите и нивните пари престануваат да им користат на жителите, а наместо тоа предизвикуваат штета со деградирање на историски места, преоптоварување на инфраструктурата и отежнување на животот на оние што живеат таму.
Сега се чини дека прекумерниот туризам стигна и на север, сè до рабовите на Арктичкиот круг.
Рованиеми забележа рекордни 1,2 милиони ноќевања во 2023 година, речиси 30 отсто повеќе отколку во 2022 година, откако туризмот заживеа по пандемијата.
„Нордиските земји се тренд“, рече Сана Каркаинен, извршен директор на Визит Рованиеми, додека стоеше во ледениот ресторан, каде работниците работеа на снежни скулптури.
„Луѓето сакаат да патуваат во студени земји, да видат снег, да ја видат Северната светлина и се разбира, да го видат Дедо Мраз“, додаде таа.
Оваа година се отворени 13 нови летови до аеродромот во Рованиеми, кои донесоа патници од Женева, Берлин, Бордо и други градови. Повеќето туристи доаѓаат од европските земји како Франција, Германија и Велика Британија, но привлечноста на Рованиеми се прошири подалеку.
Локалните критичари на масовниот туризам велат дека многу станбени згради во центарот на Рованиеми се користат за туристичко сместување за време на екот на сезоната, што значи дека тие не се достапни за станбена употреба.
Тие тврдат дека ширењето на краткорочните изнајмувања ги зголемило цените, ги истиснало долгорочните станари и го претвори центарот на градот во простор за туристи.
Финскиот закон забранува да се нуди професионално сместување во згради наменети за станбена употреба, па активистите ги повикуваат властите да дејствуваат.
„Правилата треба подобро да се спроведуваат“, вели Паканен.
Сепак, не се согласуваат сите. Градоначалничката Ула-Кирсика Ваинио забележува дека некои луѓе „добро заработуваат“ од краткорочни изнајмувања.
Сепак, веројатно нема да има построги регулативи за оваа зимска сезона, а и покрај незадоволството на локалните жители, масовниот туризам во Рованиеми веројатно ќе продолжи да расте во 2025 година – бидејќи посетителите сакаат да ја искусат уникатната атмосфера на северот, особено за време на празничната сезона.
„Божиќ е и јас би сакал да ја видам Северната светлина“, вели Џо, посетител од Бангкок.
„Рованиеми изгледа како добро место.“