Според извештаи од теренот и снимки што кружат на социјалните мрежи, војници на RSF стрелале во групи цивили од непосредна близина.
Етничко насилство и „чистење на терен“
Хуманитарната лабораторија на Јејл универзитетот, која ја следи војната во Судан преку сателитски снимки и отворени извори, соопшти дека има докази за етничко чистење насочено кон припадници на народите Фур, Загава и Берти, кои се неарапски заедници. Лабораторијата објави дека во градот се спроведуваат „систематски операции од врата до врата“ и „масовни егзекуции“, при што на сателитските снимки се забележуваат тела и траги од крв на улиците.
„Она што се случува во Ел-Фашер е споредливо со првите 24 часа од геноцидот во Руанда,“ изјави Натаниел Рејмонд, директор на лабораторијата, додавајќи дека „ова е само почеток на бран насилство од невидени размери“.
Сведоштва и неможност за контакт
Активистите во Дарфур објавија видео-снимки кои прикажуваат десетици тела и изгорени возила, но автентичноста на материјалите сè уште не е потврдена. Заедничките сили, сојузници на суданската армија, обвинија дека RSF „свесно и намерно извршува етнички масакр“ над цивили.
Во самиот град, според Синдикатот на суданските новинари, се воспоставенa медиумска блокада, а комуникациите, вклучително и сателитските врски, се целосно прекинати, што ја отежнува потврдата на информациите и контактот со преживеаните.
Реакции од Обединетите нации
Волкер Терк, високиот комесар на ОН за човекови права, изрази длабока загриженост поради „растечките извештаи за етнички мотивирани злосторства“. Неговата канцеларија добива „повеќе алармантни информации“ за егзекуции на цивили кои се обидувале да избегаат, како и снимки што прикажуваат „десетици невооружени мажи застрелани од блиску од страна на борци на RSF“.
Хуманитарна катастрофа и бегалски бран
Според Обединетите нации, над 1 милион луѓе ја напуштиле областа Ел-Фашер од почетокот на конфликтот, а околу 260.000 цивили – половина од нив деца – останале заробени без храна и помош. Организацијата Лекари без граници (MSF) извести дека во соседниот град Тавила, каде што прибегнале илјадници бегалци, во последните денови биле примени над 130 повредени, од кои 15 во критична состојба.
Арјан Хехенкап од Меѓународниот комитет за спасување предупреди дека Тавила е „на работ на колапс“ и дека без итна хуманитарна интервенција страдањето ќе се продлабочи.
„Последната фаза од геноцидот во Дарфур“
Претставници на Мрежата на внатрешно раселени лица во Дарфур изјавија дека она што се случува е „последната фаза од геноцидот во Дарфур“. Активистката Еми Махмуд изјави дека видела снимки на ровови полни со тела на пријатели и соседи, а постојат и извештаи за цели семејства обесени на дрвја.
Падот на Ел-Фашер и ризик од поделба на Судан
Со заземањето на Ел-Фашер, RSF сега контролира сите пет главни градови во регионот Дарфур, што претставува значајна пресвртница во граѓанската војна. Армијата на генерал Абдел Фатах ал-Бурхан се повлече на „побезбедна локација“, со што Судан де факто остана поделен – армијата повеќе нема контрола над третина од територијата на државата, а аналитичарите предупредуваат дека ризикот од трајна поделба и распад на земјата никогаш не бил поголем.
Извор: The Guardian