Утротво, ширум Израел избувнаа масовни протести и блокади на патишта со барања за прекин на огнот, договор за ослободување на заложниците и крај на војната во Газа. Израелската полиција уапси најмалку 25 демонстранти.
Според полициското соопштение, 11 лица се приведени во Тел Авив поради „нарушување на јавниот ред и сериозно попречување на слободата на движење“. Главните автопати беа блокирани со часови, но властите тврдат дека сообраќајот е повторно воспоставен. Сепак, демонстранти сè уште го блокираат тунелот на патот број 16, главна влезна точка во Ерусалим.
Опозицискиот лидер Јаир Лапид ја посети Плоштадот на заложниците во Тел Авив каде што изрази поддршка за семејствата на заробените и остро ја критикуваше владата. „Денес ја блокираме државата,“ изјави Лапид во видео обраќање, објавено и на социјалната мрежа Х. „Заложниците не се фигури што владата може да ги жртвува – тие се граѓани кои мора да се вратат дома.“
„Нема да не замолчат, нема да не изморат, нема да се откажеме додека не се вратат сите заложници, додека не постои договор и додека војната не заврши,“ додаде Лапид.
Поддршка на семејствата на заробените даде и лидерот на партијата „Сино-бело – Национално единство“, Бени Ганц. Во својата објава на Х тој ја осуди владата и ги критикуваше министрите што ги напаѓаат семејствата на заложниците.
„Да се напаѓаат семејства чии деца речиси две години се во заробеништво е срамно. Тие што ја носат одговорноста за тоа не смеат да ја префрлаат вината. Поддршката за овие семејства не разделува, туку не обединува,“ напиша Ганц.