Масовни откажувања на аранжмани – НАТА вели дека штетата ја сносат агенциите и патниците

Иако Министерството за надворешни работи препорача воздржување од патувања, официјална забрана не постои – а агенциите парите веќе ги уплатиле кон странските партнери и авиокомпании

Националната асоцијација на туристички агенции (НАТА) повика на воздржување од избрзани откажувања на аранжмани, предупредувајќи дека штетата во овој момент паѓа исклучиво на туристичките агенции.

„Туристичките агенции како организатори на патувањата не можат самоволно да ги откажат патувањата доколку транспортот и туристичките услуги се одвиваат нормално”, изјави Александар Чоневски, член на Управниот одбор на НАТА. „Во овој момент не можеме да шпекулираме за конечниот исход. Упатуваме јавен апел до граѓаните да се воздржат од избрзани одлуки и масовни откажувања на патувањата кои во овој момент одат целосно на штета на туристичките агенции кои парите веќе ги уплатиле на странските авиокомпании и немаат можност да им ги рефундираат на патниците.”

Законот не дозволува бесплатно откажување без вонредна состојба

Претседателката на НАТА Ана Марија Алексова-Малева потсети на законската рамка: „Согласно член 9 3/3 од Законот за облигациони односи патникот има право да го раскине договорот за организирано патување во секој момент пред почетокот на патувањето, но во таков случај е должен да ги надомести реалните трошоци и отказната такса. Бесплатно раскинување на договорот без финансиски последици е можно само во случај на вонредни состојби, како што се прогласена воена состојба или сериозна криза.”

Алексова-Малева прецизираше дека во изминатата недела околу 90 до 100 патници ги откажале аранжманите за дестинации каде нема прогласена вонредна состојба, вклучително и европски земји каде авиолиниите функционираат нормално.

Што следи

НАТА веќе побарала средба со надлежните институции. Средба со Министерството за култура и туризам засега не е одржана, но асоцијацијата очекува институциите наскоро да се вклучат во изнаоѓање решение кое нема да биде на штета ниту на агенциите, ниту на патниците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни