Во масовните протести во Торино, организирани поради затворањето на левичарскиот културен центар Аскатасуна, се повредени повеќе од 100 припадници на безбедносните сили, соопштија италијанските власти.
По жестоките судири меѓу полицијата и демонстрантите во саботата, приведени се 10 лица, додека за двајца демонстранти се издадени налози за апсење. Засега нема официјални податоци за бројот на повредени меѓу учесниците на протестите.
Протест поради затворање на левичарски културен центар
Протестите избувнаа како реакција на иселувањето и затворањето на културниот центар Аскатасуна, кој со децении беше собиралиште на левичарската сцена во Торино. Објектот беше затворен непосредно пред Божиќ.
Според проценките, околу 15.000 луѓе марширале низ центарот на градот, при што дел од нив носеле палестински знамиња. Мирниот протест подоцна прераснал во сериозни немири.
Молотови коктели, запален полициски комби
Од толпата биле фрлани камења и други предмети, користени биле Молотови коктели, а запалени биле и контејнери за отпад. Во хаосот бил запален и полициски комби.
Полицијата одговорила со солзавец и водени топови, обидувајќи се да ги растера демонстрантите.
На едно од видеата се гледа помлад полицаец како лежи на земја, додека маскирани демонстранти го удираат со нозе, а дел од нив и со чекан. Властите соопштија дека станува збор за 29-годишен полицаец кој се здобил со тешки повреди, но не е во животна опасност.
„Напад врз државата“
Италијанската влада со крајно десничарска ориентација остро ги осуди немирите, оценувајќи ги како „напад врз државата“. Премиерката Џорџа Мелони ги обвини насилниците за обид за убиство.
Од друга страна, левичарските активисти ја обвинуваат владата дека селективно се пресметува со левичарски организации, посочувајќи дека властите не реагирале кога десничарски групи окупирале одредени објекти.
