Масовна пресметка во Ерусалим меѓу полицијата и ултраортодоксни Евреи поради паркирање и регрутација

Обид на израелските власти да изречат рутинска казна за непрописно паркирање во ултраортодоксно еврејско населено место во Ерусалим денеска ескалираше во насилни судири, при што беа повредени најмалку 13 полицајци, соопштија израелските власти.

Според полицијата, инцидентот започнал кога инспектор се обидел да напише казна за паркирање, што било дочекано со закани и физичко насилство. По апсењето на едно лице, на местото на настанот се собрале стотици ултраортодоксни демонстранти, кои се обиделе да го ослободат приведениот.

За време на немирите, демонстрантите фрлале камења и јајца кон полициските возила, по што полицијата интервенирала со шок-бомби, водени топови и употреба на палки за да ги растера насобраните.

Дел од жителите тврдат дека полицијата се обидела да уапси маж поради тоа што не се пријавил за воена регрутација, но полицијата ги демантираше овие обвинувања, наведувајќи дека станува збор исклучиво за инцидент поврзан со сообраќаен прекршок.

Петмина полицајци биле пренесени во болница, додека неколку други се здобиле со полесни повреди. До попладневните часови, полицијата уапсила четири лица и најави дека истрагата за инцидентот продолжува, при што се разгледуваат и други можни осомничени.

Прашањето за регрутацијата на ултраортодоксните Евреи со децении е чувствителна тема во Израел. По формирањето на државата во 1948 година, мал број ултраортодоксни ученици биле изземени од задолжителната воена служба. Со текот на времето, под притисок на политички влијателни верски партии, бројот на изземени значително се зголемил, што редовно предизвикува тензии и протести во израелското општество.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни