Масовна измама во Германија: Преку TikTok се продаваат лажни сертификати за државјанство и престој

Истражување открива илегална продажба на лажни јазични сертификати преку TikTok и WhatsApp во Германија. Документите изгледаат автентично, а цената достигнува до 2.700 евра. Системот за контрола е речиси нефункционален.

Германија се соочува со сè поголем проблем со масовна злоупотреба и фалсификување на јазични сертификати што ги користат странски државјани за добивање дозволи за престој и германско државјанство.

Истражувањето спроведено од медиумите RTL, ntv и Stern открива широка мрежа на онлајн измамници кои преку TikTok и WhatsApp продаваат лажни сертификати – без посета на училиште и без полагање испити.

Црн пазар со документи

Во Германија расте црниот пазар на лажни јазични сертификати. Преку TikTok видеа, често со арапска, турска или албанска музика, на корисниците им се нудат сертификати од ниво А1 до Ц2, како и тестови за „Живот во Германија“ („Leben in Deutschland“) – сето тоа без никакво образование или полагање испит.

Цените на овие фалсификувани документи достигнуваат и до 2.700 евра, а истите изгледаат сосема автентично. Тие дури содржат и QR-кодови кои водат кон лажни, но професионално изработени веб-страници.

Лични средби со измамници

Новинарите летово стапиле во контакт со повеќе од 40 препродавачи, а во неколку германски градови оствариле и лични средби, при што добиле фалсификувани документи што тешко се разликуваат од оригиналите. Според истражувачката новинарка Лив фон Бетихер, системот за контрола во многу случаи воопшто не функционира. Вработени во имиграциските служби признаваат дека се преоптоварени, недоволно обучени и под притисок да го забрзаат процесот на натурализација.

Лажните документи остануваат во системот

Фалсификуваните сертификати не се користат само за добивање државјанство, туку и за дозволи за престој врз основа на т.н. “Chancen-Aufenthaltsrecht”. Откако документот ќе биде прифатен во системот, тој ретко кога повторно се проверува – што им овозможува на измамниците да останат во земјата без последици.

Системот е ранлив

Според достапните податоци, во последните пет години биле поништени само 1.009 натурализации, иако реалната бројка на фалсификати се смета за значително повисока. Истражители и вработени во службите признаваат дека системот е „потполно излезен од контрола“ во одредени случаи.

Полицијата и властите сè уште немаат точна статистика за бројот на истраги поврзани со фалсификувани јазични сертификати. Во некои случаи, се испитуваат и до 1.000 потенцијално сомнителни случаи. Раководител на служба за странци од јужна Германија сам открил 340 лажни сертификати за само седум дена, преку анализа на QR-кодовите.

Потребна е итна реформа

Оваа криза ја открива големата слабост на администрацијата и покажува како измамниците користат бирократски дупки за да ги заобиколат барањата за јазик и интеграција. Се бара зголемена контрола и системски проверки, но засега нема конкретни решенија на повидок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни