Денеска ширум Франција се одржува голем меѓусиндикален штрајк, при што властите очекуваат меѓу 600.000 и 900.000 луѓе да излезат на улиците. Протестите се организирани на 250 локации, и ќе предизвикаат сериозни прекини во клучните сектори низ државата, пренесува BFMTV.
Прекини низ целата земја
Најсилно погодени ќе бидат јавниот превоз, образованието и здравството. Во железничкиот сообраќај, ќе сообраќа само секој втор Intercités воз и секој трет регионален воз (TER). Во Париз, метрото ќе вози само во шпицот, освен линиите 1, 4 и 14, кои ќе останат активни.
Во основните училишта, штрајк најавиле секој трет наставник, а дури 98% од аптеките низ Франција се придружуваат на мобилизацијата — што дополнително ќе го отежни секојдневниот живот.
Париз во страв од нереди
Парискиот префект на полицијата, Лоран Њуњез, изрази загриженост поради можноста за насилство од екстремистички групи што би се вклучиле во протестната поворка во главниот град. Тој ги повика трговците да ги затворат продавниците од безбедносни причини.
За да се спречат нереди, на улиците ќе бидат распоредени скоро 80.000 полицајци. Во готовност се и 24 оклопни возила на жандармеријата „Centaure“ и 10 водени топови — безбедносно ниво кое не било видено од протестите на „Жолтите елеци“ во 2019 година.
Јавноста со симпатии, и покрај хаосот
И покрај најавениот хаос, повеќе од половина Французи ги поддржуваат протестите. Според анкета на Elabe за BFMTV, 56% од граѓаните „ги поддржуваат“ или имаат „симпатии“ за денешниот штрајк.
Сепак, ова ниво на поддршка е малку пониско од протестите против пензиската реформа во 2023 година, кога поддршката изнесуваше меѓу 60% и 63%.
Од друга страна: 25% не ја поддржуваат мобилизацијата, 18% се рамнодушни, а 1% нема став.
Последните промени во владата не го намалија социјалниот гнев, бидејќи 66% од анкетираните веруваат дека политиките на новиот премиер, Себастиен Лекорњу, ќе бидат само продолжение на оние на претходните влади на Емануел Макрон.