Масовен руски напад врз Киев: Проектили и дронови, експлозии низ целиот град

Руските сили во раните утрински часови извршија масовен воздушен напад врз украинската престолнина Киев, користејќи проектили и беспилотни летала, соопштија украинските власти. Според првичните информации, погодени се станбени згради, образовни објекти и деловни простории, а во повеќе делови од градот се слушале силни експлозии.

Очевидци на агенцијата Reuters јавуваат дека по полноќ во Киев одекнувале низа детонации, додека противвоздушната одбрана дејствувала повеќе од два часа по прогласувањето на воздушната тревога.

Погодени станбени објекти и градинка

Шефот на градската воена администрација, Тимур Ткаченко, соопшти преку Телеграм дека во населбите источно од реката Днепар се оштетени неколку станбени згради, една образовна установа и една деловна зграда.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека објект во кој се наоѓа детска градинка бил зафатен од пожар, а уште една нестамбена зграда била погодена во источниот дел на градот. На социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои се гледа пожар во стан на горните катови од станбена зграда.

Напади и врз други украински региони

Покрај Киев, руски воздушни напади се регистрирани и во други делови на Украина. Во Харков, вториот по големина град во земјата, регионалниот гувернер потврди дека две лица се повредени по серија удари со дронови и ракети.

Јавниот сервис Суспилне извести и за експлозии во Дњипро, како и во Суми, град кој се наоѓа во близина на руската граница.

Сомнежи околу најавениот прекин на нападите

Нападот доаѓа само еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин наводно се согласил на прекин на нападите врз енергетската инфраструктура и Киев, поради екстремно ниските температури и проблемите со снабдувањето со електрична енергија.

Сепак, најновите напади јасно укажуваат дека до реален договор или примирје не дошло, а ситуацијата на терен останува крајно нестабилна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни