Карневал со корени постари од 1400 години
Некои велат дека корените на Вевчанскиот карневал се постари од 1400 години, додека други тврдат дека овој спектакл датира дури и 800 години пред тоа. Оваа богата историја го прави карневалот уникатен во светски рамки, обединувајќи ги старите пагански обичаи со современите форми на уметничка изведба.
Спасе Кочовски, градоначалник на Вевчани, нагласува дека ова е повеќе од обична традиција:
„Карневалот е значаен не само за Вевчани, туку и за целата Република Македонија, па дури и за светот. Тој е слика и прилика на она што се случувало во општеството претходната година.“
Маските: Огледало на општеството
Традиционалните маски како „Зетот и Невестата“ и „Глупиот Август“ се неизоставен дел од карневалот, но она што најмногу привлекува внимание се новите маски кои секоја година раскажуваат приказни инспирирани од актуелните општествени и политички случувања. Овие маестрално изработени маски не само што се уметнички дела, туку носат и силни пораки што ги поврзуваат минатото и сегашноста.
„Маските се повеќе од уметнички дела. Тие се огледало на времето, раскажуваат приказни и го критикуваат општеството на уникатен начин“, потенцираа на прес конференцијата одржана по повод претстојното издание на Вевчански карневал 2025 година.
Европски гости и глобално внимание
Оваа година, Вевчани ќе биде домаќин на бројни гости од Македонија и Европа, вклучувајќи го и претседателот на Европската федерација на карневалски градови. Организаторите очекуваат рекордна посетеност и гарантираат искуство што ќе ги испразни посетителите од негативната енергија и ќе им понуди незаборавна забава.