Илон Маск ја започнува новата година како најбогат човек на светот. Тој е и единствениот милијардер чие богатство надминува 400 милијарди долари.
Според магазинот Форбс, Маск влегува во оваа година со имот проценет на 421,2 милијарди долари. Тоа е 91 милијарда долари повеќе отколку пред еден месец. Големиот скок во неговото богатство дојде откако SpiceX одлучи да ги откупи сопствените акции, во зделка што ја вреднува компанијата на 350 милијарди долари (прв објави Блумберг). Претходно, SpaceX беше проценет на 210 милијарди долари.
Илон Маск го основа SpaceX во 2002 година и ја води компанијата како извршен директор. Тој поседува 42 отсто од акциите. Новото вреднување го направи SpaceX највредна компанија во светот без да котира на берза, дури и повредна од сопственикот на TikTok, BiteDance. Маск го води и производителот на автомобили Тесла, има удел во социјалната мрежа X, фирмата за вештачка интелигенција kAI и компанијата за изградба на тунели The Boring Company.
Минатата година Маск ја започна годината со богатство од 251 милијарда долари. Привлече големо медиумско внимание по изборната победа на Доналд Трамп. Трамп го назначи за еден од шефовите на советодавното тело – Одделот за ефикасност на владата. Ова тело треба да се занимава со намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста.
Џеф Безос е вториот најбогат човек во светот. Само еден месец претходно беше трет. Основачот и претседател на Amazon, кој поседува 9% од акциите, го зголеми своето богатство за околу 10 милијарди долари во текот на изминатиот месец, благодарение на порастот на вредноста на акциите на гигантот за е-трговија од околу 5%. Новата година ја започнува со богатство од 233,5 милијарди долари.
Основачот на Nvidia првпат се појави на списокот
Извршниот директор и ко-основач на Nvidia, Џенсен Хванг, за прв пат се најде на листата на 10-те најбогати луѓе во светот. Се наоѓа на десеттото место, со проценети 118 милијарди долари. Најголем дел од неговото богатство доаѓа од неговиот удел во производителот на чипови, чии акции се зголемија за 171 отсто во 2024 година. Nvidia ја заврши годината со пазарна вредност од 3,28 трилиони долари, станувајќи повредна од Microsoft, но сепак не и од Apple. Хванг на листата го претекна Амансио Ортега, основач на трговскиот синџир Зара и Индитекс.
Заедно, 10-те најбогати луѓе во светот вредат 1,9 трилиони долари (1,900 милијарди). На првиот ден од декември тие вредеа 1,8 трилиони. Седум од десетте најбогати луѓе сега се побогати отколку пред еден месец.