Маск ширел дезинформации за серијата „Adolescence“, се јави авторот: „Ова нема смисла“

Илон Маск се најде на удар на јавноста откако со својата реакција поттикна ширење дезинформации за новата серија на Нетфликс, Adolescence. Серијата ја следи приказната на 13-годишниот Џејми, кој е обвинет за убиство на својата соученичка Кејти.

Контроверзијата започна откако корисникот на платформата Х, Иан Мајлс Чонг, објави сцена од првата епизода и напиша:
„Нетфликс има серија наречена Adolescence, за британски напаѓач со нож кој смртно избо девојче во автобус. Наводно е инспирирана од вистински случаи, како оној во Саутпорт. Но, наместо да го прикажат убијцата како црн мигрант, како што било во реалноста, тие го замениле со бело момче и додале дека бил радикализиран од интернет движењето ‘red pill’. Чиста антибела пропаганда.“

На оваа објава реагираше и Маск со едноставното: „Wow.“ Со оглед на неговите 220 милиони следбеници, оваа реакција предизвика бурни реакции и обвинувања дека помага во ширење невистини.

Реакција од авторите на серијата

На обвинувањата одговори и ко-креаторот на серијата, Стивен Греам, кој во серијата го глуми таткото на Џејми. Во изјава за The Hollywood Reporter, Греам ја негираше поврзаноста со случајот од Саутпорт:

„Сосема погрешно е. Ако ги погледнат фактите, ќе видат дека трагедијата во Саутпорт се случи по завршувањето на снимањето на серијата. Тоа едноставно нема смисла. Очигледно го користат ова за свои цели. Разбирам што значи слобода на говор, но постои многу тенка линија помеѓу слобода и говор на омраза.“

Тој додаде дека серијата не се занимава со прашања на раса, туку со општествената реалност и семејни трагедии кои може да се случат на секого. „Сакав да прикажеме семејство што би можело да живее на вашата улица. Тоа би можело да биде вашето дете, или дете на вашата сестра“, изјави тој.

Креаторот Џек Торн: „Апсурдно е“

Џек Торн, кој ја создаде серијата заедно со Греам, во подкастот News Agent рече дека е „апсурдно“ да се тврди дека напади со нож ги извршуваат само лица од одредена раса. „Историјата покажува случаи со деца од сите раси што извршиле вакви напади“, изјави Торн.

Серијата инспирирана од реални, но различни настани

Серијата Adolescence се снимала од март до септември минатата година, додека нападот во Саутпорт се случил на 29 јули, кога 18-годишниот Аксел Рудакубана нападнал деца на танцувачка работилница со тема на Тејлор Свифт, усмртувајќи три девојчиња и тешко повредувајќи уште десет лица.

Во интервју за Radio Times, Греам објаснува дека инспирацијата за серијата произлегла од серија шокантни случаи на насилство меѓу младите, вклучително и инцидентот во Ливерпул кога девојче било убиено со нож од тинејџер. „Само си поставив прашање: Зошто? Што се случува со младите момчиња денес? Каков притисок трпат од интернетот, од врсниците, од општеството?“, рече тој.

Серијата Adolescence има за цел да отвори разговор за насилството меѓу младите, радикализацијата преку социјалните мрежи и промените во машкиот идентитет во дигиталната ера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни