Маск и светот со повеќе роботи од луѓе: што значи тоа за мала држава како Македонија?

Од техно-утопијата на Маск до македонската реалност на емиграција, дигитален јаз и недостиг од работна сила

Светскиот економски форум во Давос и присуството на Илон Маск, повторно ја отворија една од најрадикалните визии за иднината: свет во кој ќе има повеќе хуманоидни роботи отколку луѓе, а економијата ќе функционира врз принцип на изобилство, а не на недостиг.

Додека глобалните технолошки центри зборуваат за економија на изобилство базирана на вештачка интелигенција и роботика, прашањето е како ваквото сценарио изгледа од перспектива на мала држава со структурни слабости, како Македонија.

Според Маск, напредокот на вештачката интелигенција и роботиката ќе доведе до ситуација во која роботите ќе извршуваат речиси сите форми на труд: од индустриско производство, до грижа за деца, стари лица и домашна работа. Во таков свет, економскиот раст повеќе нема да зависи од човечкиот труд, туку од бројот и продуктивноста на роботите.

„Ќе има повеќе роботи отколку луѓе“, изјави Маск, тврдејќи дека еднаш кога производството на хуманоидни роботи ќе достигне масовни размери, тие ќе можат да ги задоволат речиси сите човечки потреби. „Ќе дојде момент кога нема ни да знаеш што уште да му побараш на роботот.“

Ова сценарио, според него, не е далечна научна фантастика, туку логичен резултат на експоненцијалниот развој на AI, развој кој, како што предупредува, може да доведе до тоа вештачката интелигенција да ја надмине колективната интелигенција на човештвото веќе околу 2030–2031 година.

Изобилство или нова нееднаквост?

Во визијата на Маск, светот со роботи не значи свет без смисла. Напротив,  ослободувањето од присилен труд треба да отвори простор луѓето да ја редефинираат својата цел, креативност и општествена вредност. Роботите, тврди тој, можат да бидат одговор и на глобалните демографски предизвици: стареењето на населението, недостигот од работна сила и притисокот врз социјалните системи.

Но, и самиот Маск признава дека ваквата трансформација носи сериозни ризици ако не се управува внимателно. Ова прашање е особено значајно во делот на регулација, безбедност, енергетска инфраструктура и социјална адаптација. AI и роботиката бараат огромни количини електрична енергија, а државите што немаат стабилна и одржлива енергетска основа ризикуваат да останат на маргините на новата технолошка економија.

Како изгледа ова сценарио од Македонија?

Ако визијата на Маск се чита од перспектива на мала држава како Македонија, контрастот станува очигледен. Додека глобалните технолошки центри зборуваат за „роботи што ги заситуваат сите човечки потреби“, домашната реалност е обележана со ниска дигитализација, структурни слабости во образованието и континуирана емиграција на млади и квалификувани луѓе.

Роботизацијата и автоматизацијата, доколку навлезат во локалната економија, најверојатно прво би ги погодиле рутинските и ниско платени работни места, токму оние што денес сочинуваат значаен дел од пазарот на труд. Без сериозни програми за преквалификација и развој на дигитални вештини, ризикот не е во тоа дека „роботите ќе ни ја земат работата“, туку дека нема да имаме луѓе подготвени да работат со технологијата.

Во исто време, високата емиграција значи дека секоја технолошка трансформација се одвива во услови на намален човечки капитал. Наместо автоматизацијата да ја надополни работната сила, постои опасност таа да го продлабочи јазот меѓу мал број технолошки центри и остатокот од економијата.

Дополнителен проблем е што автоматизацијата во светот често оди рака под рака со демографскиот притисок: земји со стареење на населението и недостиг од работна сила инвестираат во роботи за да ја одржат продуктивноста. Истражувањата за автоматизација и демографија укажуваат дека побавниот раст, односно падот на населението, е поврзан со побрз раст на „густината“ на роботи, при што автоматизацијата станува стратегија за справување со демографските промени.

За Македонија, ризикот е двоен: не само што населението се намалува, туку и квалификуваните млади најлесно заминуваат, па технолошката транзиција може да остане без човечки капитал што ќе ја води. Во исто време, дигиталната база останува плитка. Според OECD, само околу една четвртина од граѓаните поседуваат основни дигитални вештини, далеку под просекот на Европската Унија.

Токму тука доаѓа прашањето на мерливоста: ако национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“ е почеток, резултатите мора да се оценуваат преку конкретни индикатори: колку компании развиле применливи AI-решенија, колку јавни услуги користат алгоритми на транспарентен начин, колку луѓе се преквалификувани и дали вештачката интелигенција отвора работни места со повисока додадена вредност, наместо дополнително да ја забрзува емиграцијата.

„Везилка“ – симболичен чекор или вистински пресврт?

Отворањето на првиот национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“ , често се наведува како доказ дека Македонија „фаќа чекор“ со глобалните трендови. Центарот има потенцијал да придонесе за развој на локални AI решенија, истражувања и обуки, но клучното прашање останува: како и дали овие резултати ќе бидат мерливи во реалната економија?

Без поврзување со индустријата, образовниот систем и јавните политики, постои ризик AI да остане изолиран проект: симбол на амбиција, но не и двигател на општествена трансформација. Во контекст на визијата на Маск, ова значи дека држави како Македонија нема да бидат дел од „економијата на изобилство“, туку пасивни корисници на технологии развиени на друго место.

Меѓу глобалната визија и локалната реалност

Светот со повеќе роботи од луѓе можеби навистина доаѓа. Прашањето не е дали, туку како различните општества ќе влезат во таа иднина. За Македонија, предизвикот не е во самата технологија, туку во капацитетот да ја интегрира на начин што ќе создава вредност, а не нови нееднаквости.

Додека Маск зборува за изобилство, домашниот контекст бара поосновни одговори:
како да се задржат младите, како да се подготви работната сила за AI, и како технолошкиот напредок да не стане уште една причина за економска и социјална маргинализација.

Во тој јаз меѓу глобалната техно-утопија и локалната реалност, се крие вистинското прашање за иднината на малите држави во светот на роботите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни