Американскиот мултимилијардер Илон Маск призна дека неговата кампања за намалување на федералната потрошувачка на САД, иницирана преку Комисијата за ефикасност на владата (DOGE), не ги исполнила целосно првичните цели, откако се соочи со критики – вклучувајќи ги и оние од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
„Прашањето е колку се подготвени администрацијата и Конгресот да трпат. Бидејќи тоа е можно, но бара решавање на многу поплаки“, изјави Маск за американските медиуми.
Маск, кој беше именуван од Трамп на чело на DOGE во јануари, призна дека комисијата досега успеала да ги намали федералните трошоци за 160 милијарди долари – значително под првичната цел од два трилиони долари.
Поголемите кратења би барале намалување на главните државни расходи, како пензии, здравствена заштита за постари лица и буџетот за одбрана. Во рок од три месеци, DOGE укина илјадници работни места за федерални службеници и ги намали субвенциите.
Маск, чиишто јавен имиџ се влоши, најави дека отсега ќе се фокусира повеќе на својата автомобилска компанија Tesla, која се соочува со проблеми. Продажбата е опадната, а салоните на Tesla се вандализирани и цел на протести во САД и на други места.
Искуството со DOGE „не беше баш забавно“, призна милијардерот.
Комисијата првично требаше да трае до 4 јули 2026 година, но Маск изјави дека напорите за исполнување на целите можат да продолжат во текот на целиот претседателски мандат на Трамп.