Илон Маск го објави прелиминарниот датум на лансирање на долгоочекуваната роботакси услуга на Тесла, која ќе се натпреварува со „Вејмо“ на Алфабет во Остин, јавува Бизнис Инсајдер.
Маск вчера вечерта, во одговор на корисник на X, изјави дека Тесла „привремено, на 22 јуни“ ќе почне да нуди возења за пошироката јавност
Сепак, тој додаде дека тоа се уште не е дефинитивен датум.
„Параноични сме во врска со безбедноста, па датумот би можел да се помести“, напиша Маск. „Првата Тесла што ќе се вози сама од фабриката до домот на клиентот е на 28 јуни.“
Маск претходно изјави дека почетното воведување ќе вклучува 10 до 20 возила од Model Y без возач, кои ќе останат во утврдени географски области на Остин, што значи дека возилата нема да можат да патуваат низ секој дел од градот. Иако Маск го постави јуни како целен месец за лансирање, извршниот директор никогаш досега не прецизираше ден.
Инаку, порано во текот на вчерашниот ден, Маск потврди едно од првите видеа на роботакси на Тесла во Остин. Видеото прикажуваше Тесла Модел Y како носи патник без човек зад воланот. Автомобилот беше украсен со логото „Robotaxi“ на десниот панел на вратата.
„Ова се немодифицирани автомобили на Тесла што доаѓаат директно од фабриката, што значи дека секое Тесла возило што излегува од нашите фабрики е способно за самостојно возење без надзор“, рече Маск во одговор на X.
Во последователна објава исто така на платформата X, Илон Маск посочи дека Остин е подобар град од Лос Анџелес за започнување услуга „robotaxi“, пишувајќи: „Остин > > ЛА за лансирање на „robotaxi“ хаха“.
Извршниот директор сè уште не прецизираше зошто Остин е попосакуван, но, генерално, Тексас има помалку регулативи за автономни возила и е далеку помалку густ од Лос Анџелес, со околу една четвртина од населението на јужниот калифорниски град.
Остин стана еден вид бојно поле за роботакси, затоа што таму од месец март, Waymo нуди автономни возења преку платформата Uber.
Извршниот директор на „Убер“, Дара Косровшахи, за време на состанокот за приходите од првиот квартал во мај, изјави дека флотата од околу 100 роботакси возила на „Вејмо“ „сега е позафатена од над 99% од сите возачи во Остин во однос на патувања на дневна основа“.
Еден милион самоуправувачки возила до крајот на 2026?
Во однос пак на забрзувањето на комерцијалноста на роботаксито, Маск рече дека тоа ќе се случи за многу скоро. Во интервју за CNBC, извршниот директор рече дека „веројатно“ ќе има 1.000 роботакси во рок од неколку месеци. До крајот на 2026 година, Маск предвиде дека во САД може да има повеќе од еден милион самоуправувачки Тесла возила.
Маск често ги пропушта своите рокови. Аналитичарот на „Морнингстар“, Сет Голдштајн, претходно изјави за „Би-Ес-Еј“ дека насоките на Маск за 2026 година се „малку оптимистички“.
„Мислам дека ќе го остварат тоа, но мислам дека софтверот ќе бара повеќе итерации отколку што очекуваат откако ќе почнат да тестираат вистинска роботакси услуга“, рече тој.