МАСИТ, Стопанската комора на ИКТ-индустријата, годинава го одбележа својот значаен јубилеј – 25 години активно делување во дигиталната трансформација на Македонија. На годишната конференција MASIT 2.0 – Recode Reality, што се одржа во Скопје, Комората додели специјални признанија за визија, лидерство и долгогодишен придонес во развојот на домашниот ИКТ-екосистем.
Директорката на извршната канцеларија на МАСИТ, Елена Петрушевска, ги врачи наградите на сите поранешни претседатели кои ја предводеа Комората во изминатите две и пол децении. Меѓу добитниците се Антони Пешев, Тони Петревски, Васко Кроневски, Горан Митревски, Игор Бимбиловски, Слаѓан Михајловски, Драган Чепујновски, Горан Поповски, Анета Антова Пешева и Илија Господинов – личности чии мандати оставија видливи траги во градењето на институцијата и нејзините политики.
Во текот на 25-годишното постоење, МАСИТ се изгради како клучен фактор во модернизацијата на националната економија, со постојана соработка со индустриски компании, академски институции, донаторски организации и меѓународни партнери. За тоа партнерство, на конференцијата беа врачени признанија и на институции и организации што долги години ја поддржуваат работата на Комората.
Признанија добија: Михал Харари, заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата на Швајцарија; Горан Дамовски, директор на Швајцарската програма „ИМЕ“; Дениз Сулејман во име на ГИЗ Македонија; Горан Кубелка од НЕОКОМ; Беркан Имери од ХАЛК Банка; и Христина Џамбазовска Анастасов од Триглав Живот. Сите добитници го истакнаа значењето на заедничките иницијативи, преку кои се поттикнува развојот на компетенции, иновации и квалитетни дигитални услуги.
МАСИТ нагласи дека останува целосно посветен на градењето современ, конкурентен и интегриран ИКТ-сектор. Фокусот, како што беше посочено на конференцијата, е да се обединат капацитетите на индустријата и да се продолжи со создавање поволна клима за развој на нови дигитални решенија, со амбиција Македонија да стане водечки регионален пример за квалитетна дигитализација.
