МАСИТ 2.0 „Recode Reality“: Редефинирање на улогата на ИКТ-секторот во Македонија

Над 300 учесници, европски ИКТ-лидери и силни пораки за дигиталната трансформација на земјата

Скопје денеска беше центар на регионалната технолошка заедница: повеќе од 300 учесници, експерти, компании и институции присуствуваа на конференцијата МАСИТ 2.0 „Recode Reality“, каде што се отворија клучни разговори за модернизацијата на дигиталната инфраструктура, развојот на телекомуникациите и новите хоризонти што ги отвора вештачката интелигенција.

Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, истакна дека македонската ИКТ-индустрија денес е силен економски столб: секторот брои близу 3.000 компании и околу 25.000 вработени, со просечна бруто-плата од речиси 150.000 денари. Минатата година индустријата остварила приходи повеќе од 1,65 милијарди евра, што, како што нагласи, ја потврдува нејзината зрелост, стабилност и голем потенцијал за понатамошен раст.

Во воведното обраќање, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ги презентираше реформите на Владата и визијата за забрзана дигитализација на земјата. Тој потенцираше дека приватниот ИКТ-сектор ќе има клучна улога во развојот на услугите, инфраструктурата и новите стандарди во јавните системи.

Темата Recode Reality ја носи идејата за преосмислување на технологијата – не само како алатка, туку како трансформативна сила што ја редефинира економијата, институциите, образованието и целото општество. Конференцијата отвори важни прашања: како Македонија да создаде одржлив дигитален екосистем, кои политики се неопходни за конкурентност, и како да се вгради иновацијата во секој сегмент од јавниот и приватниот сектор.

Настанот ги донесе и главните интернационални говорници: Пјетро Марини – директор за иновации во Deltatre Innovation Hub, Магда Јиану – експертка од Palo Alto Networks, како и Милош Ѓурковиќ – партнер во Amrop Serbia.

Тие пренесоа европски искуства за сајбер-безбедност, технолошко лидерство и управување со таленти, потенцирајќи дека Македонија може брзо да се позиционира повисоко на технолошката мапа доколку стратегијата остане конзистентна и амбициозна.

МАСИТ ја дефинира својата цел за следните три години: засилена дигитализација, подобрени регулативи, јасни политики за развој на технолошките компании и стабилно партнерство со институциите. Фокусот, како што најавија, ќе биде на резултати кои директно ќе ја унапредат конкурентноста на домашниот ИКТ-сектор и ќе ја поттикнат трансформацијата на земјата во современа дигитална економија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни