Интервју со Крсто Глигорјадис

Машкоста не е фиксна категорија, туку поле на постојано преговарање

Крсто Глигорјадис е мултидисциплинарен визуелен уметник и изведувач. Неговата пракса се занимава со преиспитување на личните и колективните истории поврзани со разложување на родот и машкоста, и ја демистифицира моралноста како условена општествено историска конструкција. Тој исто така, ги истражува телото и танцот како интегрални компоненти на неговиот уметнички израз, гледајќи ги како моќни изјави и патишта до исцелување Со Крсто зборуваме за неговиот уметнички процес, животот меѓу уметноста и реалноста, преиспитувањето на личното и политичкото.

Трн: Чувствувањето и уметничкиот чин не можат да се одвојат, но раскажани преку сопствените искуства добиваат уште посилна димензија и смисла за уметникот. Кои се твоите лични, интимни простори од кои тргнуваш како уметник и од каде делуваш?

Крсто: За мене, создавањето е длабоко личен и ритуален процес. Постојано тргнувам од сопствените конфликти, од она што ме боли и најмногу од она што ме плаши. Ова значи дека моите интимни простори често се состојат од раслојувања на личните трауми, но и често ги поврзувам и со митолошките и културните наративи што ги носиме во себе, понекогаш и несвесно. Делувам од точката каде што приватното станува јавно, личното станува колективно– каде што моето тело и моите искуства престануваат да бидат само мои, туку стануваат алатка за преиспитување на пошироки општествени структури. Местото на создавање не ми е важно како физички простор, туку како состојба на духот. Кога сум во процес, тогаш си дозволувам да влегувам во состојба што може да ја истражува границата меѓу перформативното и вистинското, меѓу интимното и политичкото, меѓу тоа што сум и тоа што можам да станам преку уметноста.  

Tрн: Како прашањето за преиспитувањето на машкоста, кое е твој поширок предмет на интерес видлив во повеќе твои дела, е инспирација и поттик за создавање? Зошто токму оваа тема?  

Крсто: Преиспитувањето на машкоста не е само тема што ја обработувам; тоа е нешто што го живеам. Одново и одново. Моето создавање е директно поврзано со мојата потреба да ги расклопам и да ги разберам механизмите што ме обликувале како човек и како маж. Во општество каде што мажите најчесто се учат да бидат крути, непопустливи, неми пред сопствените емоции и акции, јас барам простор каде што ранливоста може да биде сила, а не слабост. Сакам да комуницирам дека машкоста не е фиксна категорија, туку поле на постојано преговарање. Машкоста е лунарна. Инспирацијата не доаѓа само од личните искуства, туку и од разговорите со други мажи, колеги, од општествените очекувања, како и од стравовите и конфликтите што ги гледам околу себе. Сметам дека мажите имаат потреба од нови начини и методи на постоење, начини што нема да бидат диктирани од патријархалните норми што ги заробуваат и нив, и сите околу нив.   

Tрн: Во сè што може да се види во твоето портфолио, доминира нишката преку која ги преплетуваш сопствените преиспитувања и општествените (штетни) динамики кои го зацврстуваат патријархатот. Дали, во оваа смисла, и самата уметност ја гледаш како ангажирана преку тоа што го правиш и потребата таа да комуницира со публиката и да ја вклучи на некаков начин со она што го третира?  

Крсто: Апсолутно. Јас не верувам во уметност што постои само во изолација. Исто како и нашите тела кои стануваат пријатни и погодни за живеење не во изолација, туку само преку материјална интеракција со други ентитети. Уметноста мора да комуницира, да провоцира, и да отвора прашања. За мене, создавањето не е завршен процес додека не се овозможи средбата со публиката. И не зборувам само за тоа да постои делото, туку да се доживее, да се допре, да се слушне, да поттикне размислување, дијалог, можеби дури и некаков вид промена. Ангажираноста не мора секогаш да биде експлицитна или директна. Понекогаш, само покажувањето на личното како политичко е доволно да иницира движење. Јас не нудам одговори, но сакам да поставувам прашања што не можат лесно да се игнорираат.  

Tрн: Што те инспирира периодов, за што најмногу размислуваш од аспект на создавање на нешто ново? Има ли тековната инспирација врска со темите кои те поттикнуваат генерално и општествените прашања?  

Крсто: Овој период сум преокупиран со идејата за телото како простор на помнење и излекување. Тело во движење е единствениот метод на лекување. Не само личното тело, туку и колективното тело на заедницата, на градот, на историјата што ја носиме со себе. Па оттука ги поставувам прашањата кои трансформативно влијаат на мене и мојата пракса на истражување: Што сè може да собере во просторот на моето тело? Дали се празни тој простор? Што ќе се случи ако го испразнам засекогаш? Дали имаме резервно тело? Како телото станува архива? Како ги пренесуваме траумите низ генерации?  Овие прашања природно се поврзува со моите истражувања за машкоста. Размислувам за тоа како телото на мажот, што општеството го моделирало да биде затворено, може да стане простор на отворање и трансформација. Во овој контекст, инспирацијата ми доаѓа и од танцот, од перформансот, од начинот на кој телото зборува кога зборовите се недоволни. 

Tрн: Би можел ли да издвоиш омилен проект на кој си работел и кој трансформативно влијаел на тебе и твојот однос кон уметноста, но и животот воопшто во последно време?  

Крсто: Моментално поминувам низ тешки мигови бидејќи скоро го изгубив мојот дедо, Крсто Глигорјадис, чие име и презиме го носам, и чии корени се длабоко врежани во моето тело. Па затоа мојот работен концепт „Здолништето на мојот татко“, кој произлегува од досегашната истражувачка пракса за машкоста, сега има поголема тежина која се движи низ комплексноста на грчко-македонското наследство. Долго време ги одбивав моите корења и се прилагодував на наметнатите норми на машкоста за да можам да преживеам. Да преживеам, за мене не беше безбедно. Безбедно е само да знам дека болката постои во моето тело и во мојот ум. „Здолништето на мојот татко“ црпи структури од традиционалниот танц на моите предци кои потекнуваат од Понтијанското племе, па оваа изведба е длабоко поврзана со моите корења и ги црпи инспирациите од музиката и танците на понтијската традиција. Во „Здолништето на мојот татко“, телото не е само физичко, туку е трансформативно поле на континуирано преговарање за концепциите на издржливоста на општествените хиреархии на родот , креирајќи нови облици на телесност и изразување, ги преминува границите на традиционалениот танц како универзално релевантно истражување на идентитетот и заедницата, и има улога на катализатор за интроспекција и општествен дијалог .

Tрн: Како гледаш на независната културна сцена овде и новите проблесоци кои укажуваат на некое раздвижување кое ни е многу потребно, од позиција на уметник кој и самиот е активно дел од неа? Има ли доза оптимизам за тие креативни процеси кои ни требаат и треба сами да ги создадеме?  

Крсто: Независната сцена е истовремено и извор на фрустрација и извор на надеж. Фрустрација – затоа што условите се тешки, поддршката е минимална, а општествената вредност на уметноста сè уште не е доволно препознаена. Но, морам да се задржам на надеж – затоа што, и покрај сè, постојат луѓе, мои колеги, што се борат, создаваат,  експериментираат и градат нешто значајно за сите нас. Оптимизмот го наоѓам во иницијативите што се раѓаат без дозвола, без чекање некој друг да даде простор. Самиот факт дека уметниците и културните работници продолжуваат да делуваат, иако сè е против нив, ми кажува дека има живот на оваа сцена и дека секогаш ќе има. И тој живот вреди да се потхранува.

Фотографии: Ана В’чкова

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни