Машиновозачите предупредувале на лошата состојба на пругата пред железничката несреќа во Шпанија

Најмалку 40 лица загинаа во судир на возови во јужна Шпанија. Машиновозачи уште во август предупредувале на сериозно оштетување на пругата, открива истрагата.

Најмалку 40 лица го загубија животот во тешка железничка несреќа на југот на Шпанија, кога брз воз излета од шините и се судри со друг воз кој доаѓал од спротивна насока. Несреќата се случила во неделата навечер во близина на градот Адамус, во покраината Кордоба, а властите предупредуваат дека бројот на жртви може да се зголеми.

Според службите за итна помош, 12 лица се наоѓаат на интензивна нега. Спасувачките операции биле отежнати поради тешко пристапниот терен и ограничената патна инфраструктура во регионот.

Првичните наоди од истрагата укажуваат на можен дефект на спојот на шините, кој создал опасен процеп меѓу деловите од пругата. Извори запознаени со истрагата наведуваат дека оштетувањето постепено се зголемувало додека возовите продолжиле да сообраќаат по таа делница.

Дополнително, се открива дека машиновозачите уште во август минатата година го предупредиле државниот управувач на железничката инфраструктура „Адиф“ за сериозно абење и лоша состојба на пругата Мадрид–Андалузија, барајќи построги ограничувања на брзината.

Шпанскиот премиер Педро Санчез го откажа патувањето на Светскиот економски форум во Давос, додека министерот за транспорт ја посети локацијата на несреќата. Истрагата за точните причини сè уште е во тек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни