Русија синоќа изведе масивен напад со дронови и проектили врз повеќе украински региони. Во нападите загинале најмалку 20 цивили, а 115 се повредени. Нанесена е голема материјална штета на инфраструктурата, а низ целата земја воведени се вонредни исклучувања на електричната енергија, пренесува Kyiv Independent.
Според извештајот на украинските Воздушни сили, Русија лансирала вкупно 476 дронови и 48 проектили, од кои 47 крстосувачки и еден балистички. Украинската ПВО пресретнала 442 дронови, 34 крстосувачки ракети Kh-101 и седум ракети „Калибр“. И покрај тоа, седум ракети и 34 дронови погодиле 14 локации, а остатоци од соборените летала паднале на уште шест места.
Ракета погодила станбена зграда
Најтешко погоден е градот Тернопил, на западот на Украина, каде загинале најмалку 20 лица, меѓу кои и две деца, а 66 се повредени. Меѓу повредените има и 16 деца, потврди украинската служба за итни случаи.
Во нападот се оштетени две станбени згради со девет ката, а спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани. Локалните власти ги предупредија жителите да не излегуваат и да ги држат прозорците затворени поради шесткратно зголемено количество штетни материи во воздухот.
Нападнати биле и други западни региони, стотици километри од фронтот. Во Ивано-Франкивск се повредени три лица, од кои две деца. Во Лавов била погодена магацин за гуми, што предизвикало голем пожар, но без жртви.
Нападнати Хаrкiv и Лавов
Во текот на ноќта бил гаѓан и Харкив. Во напад со 19 дронови повредени се најмалку 46 лица, меѓу кои и две девојчиња на 9 и 13 години. Оштетени се станбена зграда, болница и училиште.
Во Лавов, покрај магацинот за гуми, уништен е и новоотворениот објект на државната пошта „Укрпошта“. Ниту еден работник не е повреден, но уништени се околу 900 пратки. Директорот Игор Смeљански изјави дека објектот „дефинитивно ќе биде обновен“.
Енергетската инфраструктура повторно на удар
Локалните власти во Лавовската и Ивано-Франкивската област ги потврдија нападите врз енергетската инфраструктура. Погодена е и термоелектрана на компанијата ДТЕК, најголемиот приватен снабдувач со електрична енергија во Украина.
Ова е петти ваков напад врз ДТЕК од октомври. Се случи во ноќ кога температурите паднале на –3°C. Во одвоен напад во Днепропетровската област бил повреден тим работници кои ја поправаа мрежата; еден е во тешка состојба. Во Хмелницка област близу 2.000 жители од 27 населени места останале без струја.
„Русија повторно ја напаѓа нашата енергетска инфраструктура. Поради тоа во повеќе региони се воведени вонредни исклучувања на струја“, соопшти Министерството за енергетика. Директорот на „Укрeнерго“, Виталиј Зајченко, посочи дека Русија напаѓа во „бранови“ и дека западните региони оваа есен првпат ќе искусат планирани исклучувања за стабилизација на мрежата.
Зеленски: Притисокот врз Русија не е доволен
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно истакна дека земјата итно бара дополнителни системи за ПВО.
„Секој нов напад врз нормалниот живот на Украинците докажува дека притисокот врз Русија сè уште не е доволен. Ефективните санкции и поддршката за Украина може да го променат тоа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Русија мора да одговара за своите злосторства, а Украина мора да се фокусира на својата одбрана: „Да ги соборуваме ракетите, да ги неутрализираме дроновите и да ги запреме нападите.“
Поради нападите во близина на границата реагираше и Полска – нејзините вооружени сили подигнаа борбени авиони во националниот воздушен простор.
