Масакр во Судан: стотици убиени во болница во Ел Фашер, РСФ обвинети за злосторства

Паравоените Сили за брза поддршка (RSF), кои во неделата ја презедоа контролата врз градот Ел Фашер, се обвинети дека убиле најмалку 460 пациенти и медицински лица во болницата „Сауди“ во Судан, соопштија Светската здравствена организација (СЗО) и Мрежата на судански лекари.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека е „длабоко шокиран и згрозен“ од информациите за масакрот, иако не посочи директни виновници. Истовремено, Мрежата на судански лекари во објава на „Фејсбук“ обвини дека РСФ „ладнокрвно ги убиле сите што ги затекнале во болницата“.

Конфликтот меѓу суданската армија и РСФ трае од април 2023 година, кога борбите меѓу ривалските фракции војска избувнаа во главниот град Хартум и се проширија низ целата земја.

Со падот на Ел Фашер, РСФ сега ги контролира сите пет регионални престолнини на Дарфур, додека суданската армија владее со северниот и источниот дел од земјата. Ел Фашер, кој пред војната броел повеќе од милион жители, е под опсада од мај 2024 година.

Хуманитарните организации предупредуваат дека ситуацијата е катастрофална: во август 2024 година беше прогласен глад во бегалскиот камп Замзам, каде што РСФ претходно убиле до 2.000 луѓе при заземањето на кампот што сместувал половина милион раселени лица.

Според експертите, преземањето на Ел Фашер претставува повторување на масакрот во Џенеина од 2023 година, кога РСФ убија до 15.000 цивили, главно припадници на неарапски етнички групи.

РСФ потекнува од арапските милиции Џањавид, кои во 2003 година беа обвинети за геноцид врз африканските етнички заедници во Дарфур под режимот на поранешниот претседател Омар ал-Башир. Во јануари годинава, САД официјално ги прогласија злосторствата на РСФ за геноцид.

Лидерот на РСФ, генерал Мохамед Хамдан Дагало – Хемети, призна дека имало „злоупотреби“ од страна на неговите сили и најави истрага, без дополнителни детали.

Според извештај на Хуманитарната лабораторија на Универзитетот Јејл, сателитски снимки направени на 27 и 28 октомври покажуваат докази за масовни убиства во кругот на болницата и на други локации во градот. Анализите откриле и „систематски убиства“ кај источните одбранбени ѕидови на Ел Фашер, кои РСФ ги користеле како пунктови за егзекуции.

Сведоци раскажале за напади врз домови, тепање и стрелање на цивили, меѓу кои и жени и деца. Многумина загинале на улица обидувајќи се да избегаат. „Беше како поле на смрт. Телата беа насекаде, луѓето крвавеа, а немаше кој да им помогне,“ изјавил Таџал-Рахман, жител кој избегал во кампот Тавила, околу 60 километри западно од Ел Фашер, каде што сега престојуваат над 650.000 раселени лица.

Организациите за човекови права предупредуваат дека доказите за злосторствата на РСФ се сè побројни и дека вистинскиот број на жртвите можеби никогаш нема да биде познат.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни