Марвел го одложи Avengers: Роберт Дауни Џуниор се враќа – но како негативец

Во филмот ќе се појават и ликови од Thunderbolts, Фантастичната четворка и култните X-Men, вклучувајќи ги Патрик Стјуарт и Иан Мекелен.

Љубителите на Марвеловиот филмски универзум ќе треба уште малку да почекаат – Дизни официјално потврди дека премиерите на двата најочекувани филма од серијалот Avengers се поместуваат за неколку месеци. Наместо во мај, „Avengers: Doomsday“ ќе пристигне во киносалите на 18 декември 2026, додека „Avengers: Secret Wars“ ќе биде прикажан една година подоцна, на 17 декември 2027.

Станува збор за голема промена во распоредот на Марвел, поради која од календарот се исфрлени и некои досега неименувани филмови. Датумите како 13 февруари, 6 ноември 2026 и 5 ноември 2027 останаа без наслови, заменети со генералички етикети како „Филм на Дизни“.

Со овие измени, 2026 година ќе биде значително посиромашна за фановите на MCU – од Марвеловите филмови се очекуваат само Avengers: Doomsday и Spider-Man: Brand New Day (во соработка со Сони).

Стратегија за успех како „No Way Home“

Интересно е што и двата Avengers-филма сега се закажани за декемвриски термини – исто како и Spider-Man: No Way Home од 2021, кој постигна огромен успех со речиси 2 милијарди долари заработка ширум светот. Очигледно, Марвел повторно цели на предбожиќниот ефект.

Иако The Fantastic 4: First Steps ќе биде прикажан на 25 јули 2025, следниот Марвелов филм – четвртиот Spider-Man со Том Холанд – се очекува дури на 31 јули 2026. Тоа претставува пауза од повеќе од една година – најдолга откако во 2019 заврши Spider-Man: Far From Home, пред премиерата на Black Widow во 2021.

И покрај ова забавување, Марвел остави простор за потенцијални премиери во 2028 година, со резервирани датуми во февруари, мај и ноември, иако сѐ уште не е познато за кои филмови станува збор. Меѓу најавените, но недатирани проекти се Armor Wars и Blade.

Оваа нова стратегија доаѓа во момент кога Дизни се обидува да ја врати квалитетата во суперјуначките наслови. Генералниот директор Боб Ајгер неодамна призна дека Марвел „изгубил фокус затоа што произведувал премногу содржина“, алудирајќи на преголемата количина филмови и серии. Новиот план вклучува поголем фокус на кино-премиери и помал број, но поквалитетни проекти.

Највозбудливата вест за фановите: Роберт Дауни Џуниор се враќа во MCU – но не како Тони Старк. Во Avengers: Doomsday тој треба да го глуми негативецот Доктор Дума (Doctor Doom).

Во филмот ќе се појават и ликови од Thunderbolts, Фантастичната четворка и култните X-Men, вклучувајќи ги Патрик Стјуарт и Иан Мекелен.

Продукцијата на Doomsday во последно време е интензивирана, а Дауни неодамна на социјалните мрежи објави фотографија со колеги додека заедно го гледаат Thunderbolts, како поддршка на Марвеловиот тим.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни