Премиера во МНТ

Марта Верина – драма за љубовта

Ова е тема која што ги опфаќа приказните на жените, една симфонија на женски гласови кои што сме должни да ги чуеме бидејќи слушањето на женските гласови претставува единствен начин за еманципација и градење на општество во какво што сите сакаме да живееме.Претставата всушност, сака да отвори клучни прашања за колку е присутна стигматизацијата во општеството и времето во кои живееме, ставајќи го гледачот во позиција на воајер кој бесрамно гледа, суди и пресудува за нечии животни постапки.

„Марта Верина“ е драма која секоја своја реплика ја има украдено од стварноста. Марта пробува да ни раскаже една приказна за оние работи за кои најчесто немаме зборови, за моментите во животот кога остануваме без текст, бидејќи како што би рекла самата Марта: „Кога луѓето се засакуваат, се отсакуваат и се оставаат, тоа никогаш нема никаква врска со зборови.

Марта Верина е првенствено приказна за жена која истовремено е и херој и антихерој. Жена која поради своите „погрешни“ избори не му припаѓа на општеството во кое живее и човек кој засекогаш мора да живее со товарот на „грешката“ која ја направил. Претставата всушност, сака да отвори клучни прашања за колку е присутна стигматизацијата во општеството и времето во кои живееме, ставајќи го гледачот во позиција на воајер кој бесрамно гледа, суди и пресудува за нечии животни постапки. „Грешки“ кои сите ние сме ги направиле, но кои се обидуваме да ги закопаме длабоко во себеси, мислејќи дека таму долу се сигурни, заштитени од светот кој безмилосно отфрла.

-Пред се, станува збор за македонски драмски текст кој што има исклучително јака, убава структура и кој што фактички обработува теми кои што се блиски до денешницата и во кои што можеме сите да се препознаеме, а воедно зборува и за одредени женски прашања за кои што како режисер сметам дека треба да говориме. Сметам дека публиката ќе се идентификува со самиот текст, бидејќи станува збор за теми кои што сите ние ги живееме, а за кои што ретко се осудуваме за зборуваме или да признаеме дека ни се случуваат. Станува збор за тема која што опфаќа приказни на жени и која што е фактички една симфонија на женски гласови кои што ние сме должни да ги чуеме бидејќи слушањето на женските гласови претставува единствен начин за еманципација и градење на општество во какво што сите сакаме да живееме – вели Нина Николиќ, театарски режисер.

Нина Николиќ, режисер

Марта Верина е драма за луѓето, за мажите, за жените и за децата, за тоа како делуваат нашите постапки врз оние кои ни се најблиски. Но, најмногу од сè, ова е драма за љубовта.

-Целата оваа приказна за Марта Верина започна на еден многу интересен начин. Јас имам чуден процес на работа и најчесто ми се случува една реченица да ми се појави во некој момент и реченицата од која што се роди всушност Марта Верина е „Марта беше предодредена да биде среќна“. Едно утро се разбудив со таа реченица и после тоа со месеци се обидував да дознаам која е Марта така да ми требаше и на мене доста долго време да откријам која е Марта и на крајот сега можам да кажам, дека Марта е на некој начин секоја жена. Значи Марта е жена која што во себе ги содржи сите квалитети, сите мани и сите карактеристики на една вистинска жена. Ова е претстава која што сака да им каже на луѓето дека да се биде среќен е работа на избор. Бидејќи судбина не постои, таква каква што луѓето ја доживуваат. Ние самите имаме право одреден момент во животот да ја земеме судбината во свои раце . Марта во оваа драма на крајот ќе порасне поголема од себеси и ќе ја земе судбината во свои раце – вели Драгана Лукан, која го напиша драмскиот текст.

Драгана Лукан, автор на текстот

Инаку драмата е инспирирана од поезијата на Ацо Шопов и прави една конекција која ни зборува дека луѓето се секогаш исти, песните напишани пред повеќе од 50 години, стануваат толку свежи и модерни, откривајќи ни ја суштината на овие ликови кои постојат овде и сега, и секаде и секогаш.

-Со поетите е многу интересно, јас имам една теорија дека поетите се раѓаат стари и дека кај поетите не постојат години. Поезијата не познава време. И кај Ацо Шопов е интересно тоа дека неговата поезија, бидејќи тоа го препознаваме денеска е бескрајно искрена и таа лирика која што е карактеристична за него е многу интересна да ја гледаме од сите временски дистанци, бидејќи Ацо Шопов зборува за луѓето и луѓето не се менуваат, луѓето се секогаш исти и затоа всушност тој е апсолутно актуелен во секое време, бидејќи се обраќа на човекот и на тоа што е примордијално во него и затоа Ацо Шопов ќе биде интересен да се чита и после 200 години, исто како што бил интересен да се чита и во времето кога пишувал – вели Драгана.

Во претставата играат: Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софија Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимограф е Ивана Каранфиловски Угуровска, музиката на Оливер Митковски и Андреја Салпе, а дизајнот на постерот на Сара Митова.

-Со Марта Верина поминав процес во кој што трагав по одговори на прашањата кои што мене лично ми значат. Исто така соочување со минатото и процес на моја ментална лична хигиена, за тоа која сум, што сакам и каде одам. Размислував за љубовта, како концепт кој што денес ни се нуди како модерен со целото студенило кое што денес времето ни го носи. Марта во својата младост и чистота едноставно налетува и се соочува со најгорубата егоистичка човечка форма. Таа е сама, се плаши и превентивно дејствува заради тоа што во секој миг од нејзиното постоење чувствува болка и празнина и не би сакала таа да ја одрази на некое друго, невино, кревко човечко битие. И во оваа драма има елементи на поетска правда – вели актерката Дарија Ризова, која ја толкува улогата на Марта.

Она што е интересно е што „Марка Верина“ е не само приказна за жена, туку е и приказна создадена од женската екипа, почнувајќи од актерките па се до целата креативна екипа.

-„Марта Верина“ е генерациска претстава, исто колку и женска. Ние сме жени кои што сме во истата генерација и кои што заедно сме студирале, сме многу блиски, веќе работиме заедно 20 години можеби и тоа на некое друго ниво не поврзува со оваа драма на некое  баш мета ниво. И многу е интересно да се види сега оваа претстава денеска, ако се погледне она што сме го работеле претходно, значи Марта е како некакво продолжение на она што сме го почнале дури кога сме студирале и сега некако не донесе до тоа да ја направиме Марта денеска заедно и за нас е драгоцено ова искуство – вели Драгана.

Прекрасна е соработката со тие силни и храбри жени кои што се пред се и другарки и колешки, вели Дарија.

-Со Нина Ниолиќ работиме уште од студентски денови, заедно со Драгана Лукан. Кога го прочитав овој текст, тогаш всушност беше филмско сценарио на Драгана Лукан, така да го знам повеќе од 10 години, и ете сега настана драма – вели Дарија.

Во склоп на праизведбата ќе биде промовирана и книгата Марта Верина. Како што е пракса секаде во светот, кога се поставува праизведба на некоја драма да се издаде и драмата во печатено издание, односно како книга. Книгата ќе може да се купи на првите три изведби на претставата, а потоа ќе биде достапна и во книжарниците.

Еднаш, Горан Стефановски, на едно предавање, ни кажа дека театарот е искривено огледало на реалноста, кое треба да ги потенцира работите кои сакаме да му ги кажеме на светот, а тоа најдобро се прави кога крадеме, од оние кои се подобри писатели од нас и од самиот живот, ќе напише Драга Лукан за оваа претстава. „Марта Верина“ вели таа, е драма која секоја своја реплика ја има украдено од стварноста. Ова е драма напишана низ клучалка, ни го покажува животот зад затворената врата, на моменти до непријатност од интимноста со која се соочуваме. Нејзините ликови сите ги познаваме, ги среќаваме секој ден, ги сакаме или ги мразиме, но тие не се црно бели, тие ги имаат сите тонови на спектарот и истовремено се ужасно во право и ужасно грешат. Ова е драма во која ликовите се разголуваат, ги тргаат сите слоеви кои ги имаат создадено за да се заштитат од суровиот свет и ни се покажуваат такви какви што сме сите ние кога ќе собереме доволно храброст да се погледнеме искрено во искривеното огледало кои ги потенцира сите наши маани.

Фото”: Дени Ингилизовски – МНТ

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни