Бурата „Марта“ продолжува да предизвикува сериозен хаос низ Португалија и Шпанија, само неколку дена по смртоносните поплави што веќе го погодија Иберискиот Полуостров. Двете земји издадоа нови предупредувања за можни поплави, откако надојдените води блокираа стотици патишта, го нарушија железничкиот сообраќај и принудија илјадници луѓе да ги напуштат своите домови.
Станува збор за трета силна атмосферска депресија за краток временски период, во момент кога регионот сè уште се обидува да се опорави од претходните невремиња. Во Португалија, властите ангажираа над 26.500 спасувачи, а три општини беа принудени да го одложат претседателското гласање за наредната недела поради влошените временски услови.
Командантот на португалската цивилна заштита, Марио Силвестре, предупреди дека прогнозите се „исклучително загрижувачки“, со налети на ветер до 110 километри на час, ризик од свлечишта и ненадејни поплави откако „Марта“ ќе го достигне крајбрежјето. Целото португалско приморје е ставено под портокалов аларм, а брановите на некои места достигнуваат и до 13 метри.
Особено тешка е состојбата околу реките Тежо и Садо, каде што коритата се под силен притисок. Во Алкасер до Сал, јужно од Лисабон, делови од градот останаа под вода откако реката Садо излеа, што доведе до евакуација на жителите. Португалската агенција за животна средина соопшти дека браните во земјата за само три дена испуштиле количина вода еквивалентна на годишната потрошувачка на целата држава.
Португалија веќе беше погодена од бурата „Кристин“, која однесе пет животи и остави десетици илјади домаќинства без електрична енергија, а потоа следеше и „Леонардо“, при што едно лице загина, а над 1.100 беа евакуирани. Премиерот Луиш Монтенегро изјави дека вкупната штета надминува четири милијарди евра.
Во Шпанија, југот на земјата, особено Андалузија, како и северозападните региони, се под портокалов метео-аларм поради обилни врнежи и силни бури. Иако метеоролозите најавуваат дека дождовите може да бидат помалку „екстремни“ од оние за време на бурата „Леонардо“, состојбата на терен останува критична. Во последните денови повеќе од 10.000 луѓе беа евакуирани поради поплави и свлечишта, а дел од патната и железничката мрежа е затворен од безбедносни причини.
Регионалните власти предупредуваат дека реките го достигнале својот максимум, додека премиерот Педро Санчез по обиколката на погодените подрачја изјави дека „тешки денови допрва следуваат“. Населението е повикано да го ограничи движењето и строго да ги почитува препораките на службите.
Научниците потсетуваат дека климатските промени предизвикани од човекот ја зголемуваат зачестеноста, интензитетот и времетраењето на екстремните временски појави, какви што се поплавите и топлотните бранови, кои во последните години сè почесто ги погодуваат Португалија и Шпанија.
