Соул-божицата Марта Хај доаѓа на 29. Златна Бубамара

Легендарната вокалистка и долгогодишен придружен глас на Џејмс Браун ќе добие награда за животно дело

Американската соул-легенда Марта Хај ќе биде специјална гостинка на 29. издание на „Златна Бубамара на популарноста“, кое ќе се одржи на 26 февруари во салата „Борис Трајковски“. Организаторите најавуваат вечер со силен соул и фанк печат, а Хај ќе прими и награда за животно дело.

Родена во 1945 година, Марта Хај се смета за една од највредните и најдолговечни жени во шоу-бизнисот. Препознатлива како „соул-божица“, таа изгради паралелна кариера – како соло-артистка и како прв придружен вокал на Џејмс Браун, со кого соработуваше 32 години.

Нејзината музичка приказна започнува во 1967 година, кога како членка на групата The Jewels го придружува Браун. И по распаѓањето на групата, таа останува дел од неговиот тим, станувајќи еден од клучните гласови во неговиот препознатлив фанк звук. Во текот на тие децении, Хај објавува и соло-материјали, меѓу кои и албумот „Sal Soul“ од 1979 година, продуциран токму од Џејмс Браун.

Таа настапувала на значајни концерти кои оставиле трага во историјата на соул и фанк музиката, вклучително и концертот во Бостон Гарден во 1968 година, како и европската турнеја „James Brown’s Funky Divas Tour“ во 2005 година со Лин Колинс.

Во својата долга кариера, Марта Хај соработувала со голем број светски музички имиња, меѓу кои Литл Ричард, Џери Ли Луис, The Temptations, Арета Френклин, Пати ЛаБел, Б.Б. Кинг, Мери Џеј Блајџ, Стиви Вондер, Принс, Мајкл Џексон и The Police.

Нејзиниот моќен вокал и денес е препознатлив, а нејзиниот опус вклучува соул, фанк, блуз и џез влијанија. Пред доаѓањето во Скопје, Хај порача дека со нетрпение очекува да настапи пред македонската публика.

На сцената на „Златна Бубамара“ таа ќе ја изведе и култната „I Feel Good“, во вечер што организаторите ја најавуваат како прослава на безвременската музика и енергијата што ја носи една од највлијателните дами на соул-сцената.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни