Настанот, што претходно се одржуваше во Кочани, овој пат ќе започне во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде што учесниците ќе продолжат кон Собранието и Основниот кривичен суд Скопје.
Родителите на загинатите во својата порака повикаа граѓаните да им се придружат во маршот за правда и одговорност:
„Нашите деца умреа на 16 март. Шеесет и три деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба ваша поддршка,“ порачаа тие.
Судски процес за трагедијата
Само неколку дена по маршот, на 19 ноември, треба да започне судскиот процес за несреќата во „Пулс“. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители со јасно утврден план за координација, со цел постапката да се одвива без одложувања.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив има тројца поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија.
Првообвинети се тројцата сопственици и одговорни лица на фирмата која управувала со кабарето „Пулс“.
Паралелни истраги
Покрај главниот предмет, во тек е и одвоена истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања. Очекувањата се дека Јавното обвинителство ќе донесе одлука на почетокот на декември.
Дополнително, во Основното јавно обвинителство во Кочани се води и предистражна постапка против службеници од Управата за јавни приходи.
Родителите на жртвите најавија дека ќе продолжат со своите активности сè додека, како што велат, „вистината не излезе на виделина, а сите виновни не бидат изведени пред лицето на правдата“.
