„Марш за ангелите“ во Кочани: Со обвинителниот акт – целосно ја изгубивме надежта за правда

На 25-тиот Марш за ангелите во Кочани, родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ порачаа дека со обвинителниот акт ја изгубиле и последната надеж за правда

Денешниот 25-ти по ред „Марш за ангелите“ во Кочани беше прв откако Кривичниот суд целосно го прифати обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“. Родителите на загинатите млади порачаа дека со тој акт ја изгубиле и последната трошка надеж за вистинска правда.

И оваа сабота, родителите и блиските на жртвите од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ повторно излегоа на улица – на 25-тиот по ред Марш за ангелите, барајќи вистинска одговорност за трагедијата што го обележа градот.

Од протестот беа упатени силни пораки до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и до највисоките институции во државата.
Пред Судот во Кочани, тие побараа целосно презентирање на доказите, проширување на обвинението кон сите вмешани лица и преиспитување на мерките за домашен притвор.

„Имавме трошка надеж дека конечно ќе ја видиме правдата, но со вашите постапки и со поднесениот обвинителен акт – таа надеж целосно ја изгубивме. Наместо вистина и одговорност, сведоци сме на пропусти и прикривања“, порачаа родителите.

Тие велат дека се приморани сами да го анализираат обвинителниот акт и да ги укажуваат пропустите, што, според нив, е доказ дека правдата не е на страната на жртвите, туку на виновниците.
Особено ги вознемирува фактот што дел од осомничените се движат слободно низ градот, со мерки на претпазливост:
„Тие лица си ја купија слободата со пари, додека ние сме осудени на доживотна болка.“

Маршот заврши со порака дека обвинителството мора да обезбеди еднаков третман пред законот, а не систем во кој „богатите и влијателните се неприкосновени“.
„Свесни сме дека постојат уште докази против други лица кои намерно не ги изнесувате. Со тоа не само што ја нарушувате правдата – туку сторувате кривично дело,“ порачаа родителите на загинатите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни