Родителите ги повикуваат скопјани да се придружат на „Маршот на ангелите“ во сабота

Родителите на 63-те млади кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани бараат поддршка од скопјани во нивната борба за вистина и одговорност.
Марш на ангелите – родители со фотографии од своите деца, во протестен повик за вистина и правда по трагедијата во Кочани.
Кочани

Во сабота, 15 ноември, во Скопје ќе се случи протестен марш во знак на сеќавање на 63-те млади жртви од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Настанот, симболично наречен „Марш на ангелите“, ќе започне во 12:05 часот од плоштадот „Македонија“, а учесниците ќе продолжат кон Собранието и Основниот кривичен суд. Овој марш ќе биде првпат одржан во главниот град, по низа саботни маршеви во Кочани.

„Нашите деца умреа на 16 март. Шеесет и три деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба ваша поддршка,“ порачаа родителите во јавниот апел до граѓаните на Скопје.

Тие очекуваат масовна поддршка од јавноста и велат дека нивната борба нема да запре сè додека не се воспостави правдата за нивните деца.

Судскиот процес за несреќата треба да започне на 19 ноември, а ќе го води тим од околу 15 обвинители, најави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Според обвинението, 34 физички и три правни лица се товарат за тешки дела против општата сигурност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни