Во сабота, 15 ноември, во Скопје ќе се одржи првиот „Марш на ангелите“, протестен собир во знак на сеќавање на 63-те млади жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Настанот започнува во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, а маршот ќе продолжи кон Собранието и ќе заврши пред Основниот кривичен суд.
Овој марш е првпат организиран во главниот град, по неколкунеделните саботни маршеви што родителите ги одржуваа во Кочани. Тие ја упатија пораката која одекна низ целата земја: „Не бараме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба вашата поддршка.“
Родителите велат дека се надеваат на масовен одѕив и дека нивната борба нема да престане сè додека не се воспостави целосна одговорност за трагедијата што им ги одзеде децата.
Групата „Кој е следен?“ утринава постави герила пораки на повеќе локации во Скопје, повикувајќи ги граѓаните да не останат на страна и да им се приклучат на семејствата во сабота. Акцијата имаше за цел да ја засили јавната поддршка во пресрет на маршот.
Од групата порачаа: „Македонија има совест. Корупцијата им ги одзеде животите на овие деца, а нашата должност е да не молчиме. Болката е нивна, но борбата е заедничка.“
Тие дополнуваат дека трагедијата во Кочани не смее да се третира како локален инцидент, туку како општествен повик за обединување и отпор кон системските пропусти.
Првиот судски рочиште е закажано за 19 ноември. Според обвинителниот акт, 34 физички и 3 правни лица се товарат за тешки дела против општата сигурност, а процесот ќе го води тим од околу 15 обвинители, најави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Семејствата инсистираат дека почетокот на судскиот процес е само првиот чекор, а нивниот притисок ќе продолжи сè додека, како што велат, „правдата не стане видлива, а одговорноста не стане стварност“.
Маршот е симболичен чин на солидарност, но и потсетување дека трагедијата не е заборавена. Фотографиите на загинатите млади кои ги носат нивните родители и блиски се сведоштво на болката – но и на решеноста никој повеќе да не биде изгубен поради немарност, корупција или институционален пропуст.
