Марио Драги повика ЕУ да го стави на пауза на AI Законот за подобра проценка на ризиците

Марио Драги повика на пауза во имплементацијата на AI Законот на ЕУ, предупредувајќи дека регулативата може да го загрози иновацискиот развој. Бизнисите и технолошките лидери исто така бараат одложување.

Поранешниот италијански премиер Марио Драги побара Европската унија да стави пауза на имплементацијата на AI Законот (Artificial Intelligence Act), сè додека не се проценат потенцијалните „недостатоци“ на регулативата. Изјавата ја даде на конференција на која се разгледуваше напредокот на Европската комисија во спроведувањето на препораките од неговиот извештај од 2024 година.

AI Законот стапи на сила во август 2024, но неговата целосна примена е предвидена за 2027 година. Драги изјави дека законот станува „извор на неизвесност“.

„Првичните правила, вклучувајќи ја и забраната на системи со ’неприфатлив ризик’, поминаа без поголеми компликации. Кодексите на однесување потпишани од најголемите развивачи и водичите на Комисијата ја разјаснија одговорноста,“ рече Драги.

„Но, следната фаза, која опфаќа системи со висок ризик – како во критичната инфраструктура и здравството – мора да биде пропорционална и да поддржува иновации. Според мене, треба да се стави пауза сè додека не ги разбереме потенцијалните недостатоци.“

Поддршка од индустријата

Неговото предупредување следува по слични повици од индустриски лидери. Во јули 2025, повеќе од 40 директори на големи европски компании, вклучувајќи ASML, Siemens, Philips и Mistral, побараа „двегодишно стопирање на часовникот“ за AI Законот, за да се даде време за подобро усогласување и поедноставување на правилата.

Неколку компании, како Google, побараа и грејс-период за усогласување со доброволниот кодекс за генеративна AI (GPAI), како што се ChatGPT и Gemini, бидејќи насоките од Комисијата не беа подготвени навреме.

Дополнително, сè уште не е јасно кои национални институции ќе бидат задолжени за надзор на спроведувањето на законот – листата на надзорни тела сè уште не е објавена од Европската комисија.

Најавена дигитална ревизија

Еврокомесарката за технологија Хена Виркунен најави дека во декември 2025 ќе биде презентиран т.н. „дигитален омнибус“ пакет, со кој ќе се направи ревизија на сите постоечки технолошки закони, со цел да се намали административниот товар – вклучително и во рамки на AI регулативата.

Страв од дерегулација

Но, над 50 организации за дигитални права и заштита на потрошувачи, меѓу кои Access Now, BEUC и CDT Europe, предупредија дека повторно отворање или одложување на AI Законот ќе ги загрози механизмите за одговорност.

„Агендата за ’поедноставување’ не смее да се користи како изговор за дерегулација, особено без веродостојни докази дека тоа е потребно или ефективно“, се вели во писмото од овие организации.

Притисок и од САД

Законот се најде под притисок и од американската администрација. Претседателот Доналд Трамп се закани со „значителни дополнителни царини“ за земјите кои имплементираат закони насочени кон американски технолошки компании, освен ако „овие дискриминаторски мерки не бидат повлечени“.

Комисијата одговори:

„Тоа е суверено право на ЕУ и нејзините земји членки да ги регулираат економските активности на своја територија, во согласност со нашите демократски вредности.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни