Изборот на новото раководство со четиригодишен мандат се одржа на Генералното собрание на ФИПРЕСЦИ во Будимпешта, Унгарија, на 17 и 18 септември 2025 година. За нов претседател на Федерацијата е избран Ахмед Шауки од Египет, додека, покрај Костова, како потпретседателки се избрани и Паола Касела од Италија и Елена Рубашевскаја од Украина.
„Оваа функција ја сфаќам како огромна чест, не само за мене лично, туку особено за нашата Македонска секција на ФИПРЕСЦИ која, иако една од најмалите, е особено активна во жиријата на бројни филмски фестивали во светот. Почнуваме нова ера на ФИПРЕСЦИ со прекрасен и посветен тим, и радосна и горда сум што и нашата мала секција ќе биде тука. Како потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, ќе работам на враќање на почитта и поддршката за независната филмска критика“, изјави Костова.
Таа додаде дека нејзината улога ќе биде насочена кон развивање иницијативи што ќе го користат потенцијалот на ФИПРЕСЦИ за застапување на филмската критика како професија, со фокус на зајакнување на партнерствата со националните секции, особено со помалите како македонската.
Марина Костова е реномирана филмска критичарка, наградувана новинарка и актуелна претседателка на Македонската секција на ФИПРЕСЦИ. Таа е заменик-главен уредник на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, авторка на неколку книги, коавторка на првиот македонски Речник на медиумската писменост, и редовна членка на ФИПРЕСЦИ жирија на престижни фестивали како Венеција, Сараево, Виена, Оберхаузен, Солун, Истанбул и други.
ФИПРЕСЦИ е основана во 1925 година и е една од најстарите и највлијателни професионални организации во светот на филмската критика, која ги обединува националните здруженија на филмски критичари од околу 90 земји. Организацијата е позната по доделувањето на својата престижна награда на повеќе од 100 филмски фестивали низ светот, како и по Гран при наградата за најдобар филм на годината што се врачува на фестивалот во Сан Себастијан. ФИПРЕСЦИ учествува и во доделувањето на Европските филмски награди.
Во 2025 година, ФИПРЕСЦИ ја одбележува својата 100-годишнина со низа настани на најголемите филмски фестивали во светот, меѓу кои и Венеција, Кан и Берлин.