Марина Костова: македонскиот културен естаблишмент никогаш не поддржувал квалитет и успех

Интервју со филмската критичарка Марина Костова, првата Македонка потпретседателка на ФИПРЕСЦИ. Разговор за исчезнувањето на критиката, состојбата на македонската кинематографија, нејзината книга и филмските љубови.

Марина Костова – филмска критичарка, новинарка, авторка и новата потпретседателка на светската филмска критичарска федерација ФИПРЕСЦИ – во искрен и продлабочен разговор за „Трн“ зборува за нејзините почетоци, фестивалски љубови, состојбата со македонската критика и кинематографија, но и за својата книга „Јазикот е чудна ѕверка“. Со острина и сенс, таа анализира како исчезнува културната критика од медиумите, зошто сценаријата се слабата алка кај новите автори, и како инфлуенсерството го јаде професионалното новинарство.

Трн: Кога првпат почувствува дека филмот не е само за гледање, туку и за пишување и критичко размислување?

Марина: Уште од петто  одделение сакав да станам новинарка оти мислев декa новинарите се стално во движење и многу патуваат, ама и оти пишувањето ми беше многу возбудливо.  Еднаш, на пример, во 7 одделение од ќеф ѝ напишав репортажа за домашна работа на сестра ми рекреирана само од информациите на еден проспект за позната бања. После, нејзината учителка ми рече, Марина, колку убава репортажа си ѝ напишала на сестра ти, браво! (ха-ха). Сѐ што знам за филмот научив в кино, на 5-6 години го гледав првиот филм во животот, беше некој Џејмс Бонд во киното во Крушево каде што летував, после низ целото школување скиснав во кино, а додека студирав, едно време живеев во Лондон и таму го открив легендарното репертоарско кино Евримен каде имаше програма со  два или три филма едноподруго, па ќе влезеш во киното дење и ќе излезеш касно ноќе. Таму изгледав куп класици и тоа беше вистинска филмска школа, како и Филмската кооператива каде што открив класици на експерименталниот филм.

Мојата прва рецензија беше за „Дракула“ на Френсис Форд  Копола, имав голема трема пред да ја напишам, па отидов да истражувам куп податоци во Универзитетската библиотека. За мене филмот, како впрочем и секое уметничко дело, е муабет со авторот, а тој муабет ми е основа и за професионалната филмска критика.  Често кажувам дека кога сум на фестивали, гледам по 5-7 филма на ден. Тоа се 14 часа муабет – ако е со интересни луѓе брзо минуваат, ако се досадни после си утепана и празна. Секој филм е шанса за нова љубов и затоа држи тој фестивалски адреналин да изгледаш што повеќе филмови. Еднаш кажав, а и сега со жал констатирам – порано ми се случуваше да се заљубам 3-4 пати на еден фестивал, сега ако се заљубам еднаш – среќна сум.

Трн: Изборот за потпретседателка на ФИПРЕСЦИ многумина го сметаат за историски момент за македонската филмска критика. Што значи тоа за тебе лично?

Марина: Искрено, се израдував и баш ми е ќеф, особено зашто е голема чест и потврда за нашата мала Македонска секција. Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ годинава слави 100 години и ја сум првата од Македонија што е избрана за потпретседателка на раководството на оваа една од најстарите професионални организации во светот, што обединува здруженија на филмски критичари од 90 земји на сите континенти. 

Во ФИПРЕСЦИ влегов кон крајот на 1990-тите, како најмладата македонска филмска критичарка примена во ценетото друштво на врвни професионалци со чии текстови пораснав, оти ги читав нивните рецензии и фестивалски извештаи уште од моите школски денови. Во тоа време, филмската критика цветаше во живите културни рубрики на редакциите што беше богата средина за сериозен филмски дискурс. Беше огромна привилегија можноста да учествувам во фестивалските жирија на ФИПРЕСЦИ на почетокот на мојата кариера. Во Венеција, на пример, бев во исто жири со критичарските легенди Дерек Малколм од Велика Британија, Мишел Симон од Франција и Умберто Роси од Италија. Таа можност да учествувам во значајни дискусии на високо ниво со колеги од целиот свет беше непроценливо менторство во моите формативни професионални години, оти ми ја прошири перспективата и ми го изостри мојот критички глас. Една од тие критичарски легенди е и колегата Благоја Куновски-Доре, кого го слушав на радио од дете и првпат го запознав како студентка на Лондонскиот филмски фестивал, а од кого пред 3 години ја презедов претседателската функција на Македонската секција на ФИПРЕСЦИ.

Денес е огромен предизвикот на современите фестивали во цел свет, особено најголемите,  да се прошири просторот за квалитетни дела, а со тоа и квалитетна критика. Директорите на најголемите фестивали мора да прават огромни креативни компромиси, пред сѐ заради своите калкулации за очекувањата на публиката и на фестивалската политика. Дали еден филм ќе биде селектиран од стотиците пријавени, неретко не зависи само од тоа дали е добар или не, туку и од неуметнички фактори – дали ќе го потрефи и она што на јазикот на невладините организации се вика „трансверзални теми“ – дали допира актуелни општествени теми (етнички, родови, религиозни, еколошки прашања…). Значи, дали штиклира многу полиња. Од моето искуство при членувањето во меѓународни жирија на критиката на големи и мали фестивали, стално имало филмови за кои сум се чудела како ли влегле во конкуренцијата? Но, пострашно од тие креативни компромиси е коруптивната спрега што особено последнава деценија ја разјадува европската филмска индустрија на релација фондови-филмски маркети-фестивали, и сѐ повеќе го затвора пристапот за млади талентирани автори, но и за оние веќе докажаните , а заради дела-проекти со ваква или онаква агенда. Како што рече една моја реномирана колешка од Франција, едвај чекам ЕУ да ги затвори тие богати филмски фондови па да се види кој е стварно автор, а кој е само проект-филмаџија.

Трн: Дали филмската критика во Македонија има доволно простор – и во медиумите и во академијата, според твоето искуство?

Марина: Во 1994, кога „Пред дожот“ на Милчо Манчевски го освои Златниот лав за најдобар филм  во Венеција, од фестивалот известуваа тројца македонски новинари – Доре од Македонското радио, Ѓорѓи Василевски од Македонската телевизија и јас од весникот „Вечер“. Македонската телевизија ја емитуваше церемонијата на доделувањето на Златниот лав . Кога „Пред дождот“ доби номинација за Оскар, од Лос Анџелес известувавме четворица новинари од најголемите македонски медиуми – Доре за радиото и телевизијата, Томи Османли за „Нова Македонија“, Јагода Михајловска-Георгиева со фоторепортерот Драган Тодоровски  за неделникот „Пулс“и јас од „Вечер“.  Тие извештаи одеа на насловна страна или како ударна вест, иако културата вообичаено е на крајот, по црната хроника, а пред спортот. Јас повеќе од 10 години известував од Канскиот фестивал, прво за „Вечер“, а потоа за „Вест“. Најголемиот комплимент што сум го добила досега за мојата работа е од синот тинејџер на колешка, кој ѝ рекол дека едвај ги чека моите извештаи од Кан зашто учи многу за современиот филм.

Во 2020 „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов имаше две историски номинации за Оскар, а ниеден македонски новинар не известуваше од Лос Анџелес. Мислам дека тоа што македонски филм има две номинации главно не ни беше ударна вест дури ни на јавниот сервис. Во 2019, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска имаше светска премиера во конкуренција за Златна мечка на Берлинале, известуваше екипа од МРТВ ама веста од премиерата не беше ударна туку во последните минути на главниот дневник. Ниеден македонски медиум немаше свој новинар ни во Венеција во 2023, кога „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски беше во натпреварувачката програма Хоризонти, а документарецот „21 ден до крајот на светот“ на Митевска во паралелната програмата Денови на авторите (или Венециски денови), а немаше ни годинава кога „Мајка“ на Митевска ја отвори Хоризонти, а „Силјан“ на Тамара Котевска играше вон конкуренција во официјалната селекција за документарци.

Денеска и тие малку весници што се печатат скоро и да немаат редовна културна рубрика, а културна рубрика немаат ни бројните онлајн медиуми. Тоа во суштина е очајна состојба, пострашна од тоа што нема простор за филмската критика, како впрочем ни за театарската, танцовата, ликовната. Замисли, творештвото и културните политики, еден премногу важен сегмент од општественото живеење, е речиси избришан во медиумите. Тоа веќе има огромни последици врз формирањето на вредносниот систем не само во културата ами и во целото општество.  Кај нас, пак, новинарството како професија воопшто е во најголема криза од неговото постоење, па со тоа и неговата улога како чувар на јавниот интерес сериозно е загрозена. Новинарите најчесто работат во несигурни работни услови, во прекаријат, и сѐ почесто ја напуштаат професијата. Дилетантизацијата на професијата е иста како и во секоја друга во овие 35 години посткомунистичка транзиција, но во новинарството се гледа повеќе оти тоа расуло е јавно.

Моите колеги од Европа, Америка, Азија, Африка велат дека состојбата со филмската критика и воопшто со новинарството во културата е речиси еднакво лоша секаде. Веќе две години, на покана на Европската филмска академија, известувам од доделувањето на Европските филмски награди, познати и како европски Оскар, каде ни се понудени можности за интервјуа со сите присутни филмаџии и актерски ѕвезди. Сепак, ова искуство откри еден вознемирувачки парадокс: барањата за интервјуа често се потврдуваат во последен момент, а обезбедувањето повеќе од едно или две интервјуа се смета за среќа. Кога прашав зошто, ми беше кажано дека ПР агенциите, кои стојат зад промоцијата на секој филм, честопати ги игнорираат или одложуваат интервјуата со новинарите и даваат приоритет на пиарот. Затоа, одбраната на професионалниот интегритет е нашата главна задача во ФИПРЕСЦИ.

Индустријата за забава врши голем притисок врз медиумите кои се во криза секаде и се принудени да даваат поголем простор на забавни содржини, на пример интервјуа само со ѕвезди, известувања од црвени ќилими и слично. Просторот за професионална филмска критика е крајно стеснет и никој не може да живее само од тоа. Дури и критичарски величини во големите медиуми го губат местото или им се бара да известуваат главно од црвените килими. На крај, сѐ се сведува на инстаграм рилчиња и сториња и божем инфлуенсерство. Што и не е проблем само по себе, нека го има и тоа, ама инфлуенсерство не може да замени квалитетна професионална содржина во професионални медиуми. Јас не сум убедена дека ќе биде подобро, оти за да запре овој процес што е како лавина последниве 20 години, треба нешто радикално да се случи.

Трн: Како гледаш на состојбата на македонската кинематографија денес?

Марина: Мислам дека клучен проблем на современата македонска кинематографија е што нема услови за континуирано творење на успешните автори. И да дебитираш (обично во своите доцни 30-ти години) и филмот да ти е успешен, наградуван на светски мегдан и гледан во кино и во земјава и во странство, многу ти се слаби шансите брзо да снимиш втор филм. Тоа е резултат на корумпирани културни политики кои не поддржуваат и стимулираат успех туку се засновани на партиско-политички привилегии и често, како изминативе 4-5 години, на криминални интереси на клики и во фелата кои се во позиција да донесуваат одлуки. Златна Македонија е едно доста нездраво место за живот, а не пак за творештво.

Еве пак факти: Најголемиот успех, и не само културен, за Македонија беше освојувањето на Златниот лав за „Пред дождот“ на Манчевски во Венеција 1994, кој во 1995 доби и номинација за Оскар. Во 2001, неговиот „Прашина“ го отвори Венецискот фестивал. Следната номинација за Оскар беше 25 години подоцна, во 2020 за „Медена земја“. Режисерката Тамара Котевска имаше 26 години, значи се родила една година по првата номинација. За тие 25 години по „Пред дождот“, а и за овие 5 години после „Медена земја“, сите проблесоци и светски успеси на сите македонски филмски автори биле резултат на личен напор и индивидуална иницијатива, а не на организирана културна политика и поддршка, за жал. Едноставно, македонскиот културен естаблишмент не само што никогаш не поддржувал квалитет и успех, туку чето и активно гушел квалитетни и успешни автори и авторки. Затоа, сите нивни успеси се само нивни и се наша голема радост, ама за жал, ним тоа во Македонија нема да им донесе поголема шанса за нов филм.

За почит е новата генерација македонски автори, која почна со успешните дебија на Вардан Тозија и Ѓорче Ставрески, па Љубо и Тамара, Дина Дума и Елеонора Венинова и што Горан Столевски по светскиот успех како Австралијанец успеа да дебитира и во родната Македонија. Со љубопитност ги очекувам нивните нови филмови.

Но, кај авторите од новата генерација забележувам дека сценариото е најслабата алка, што веројатно е системска слабост, имено од недостаток на соодветно образование. Понекогаш забелжувам и намера филмот да биде поучен, демек на „ангажирана тема“, што е веројатно последица на неискуство, а кај некои и на шминкерски активизам. Често и во рецензиите потенцирам дека за едно уметничко дело темата сама по себе не е доволна. Треба и умешност да се раскаже прикаската со сета комплексност и универзално значење, а богами и вистинско разбирање на ликовите – тоа е разликата меѓу уметничко дело од една, и тв репортажа или активистички/политички памфлет од друга страна.

Во 2013, во една рецензијата пишував за зачетокот на една заблуда во себеперцепцијата на македонскиот филм (па и култура), која во меѓувреме фати корени и се прошири, го потворив истото и во 2020, па мислам дека и сега е добра пригода да се повторам:

„Со години, особено во медиумските настапи и презентации, македонските филмови локално се ценат на рурален и урбан, ѓоа тоа се жанрови. При што, во локалната себеперцепција, која веќе стана клише, рурален е нешто што нам не ни е блиско, демек во него се инсистира на егзотика и не нè претставува во вистинско светло нас како култура и искуство, а урбан е вредноста кон која треба да стремиме во себепрезентацијата. Па сè рурално е лошо, а сè урбано е добро. Оваа дилема е крајно лажна и лицемерна. Ниедно уметничко дело не се дели на урбано и рурално, како што не се дели ни на локално и глобално. Бергман е шведски автор, како што и Тарантино е американски, но шведското и американското не ги прави помалку светски автори. Всушност, излитената фраза ‘Мисли глобално, дејствувај локално’ најмногу важи за едно дело. Локалното искуство во доживувањето на радоста, тагата, на болката и страдањето, само може да го збогати универзалното човечко искуство и е она што му дава боја на едно дело, па макар било и филмско. Важно е ние да сфатиме и прифатиме дека нашата различност како култура или како начин на живот не е наша мана туку, во најмала мерка – предност. Со други зборови, самите да се сфатиме како вредни и рамноправни со светот, а не од друг, особено не од странец да ни треба потврда за тоа“.

Трн: Твојата книга „Јазикот е чудна ѕверка“ на моменти личи на мозаик од различни жанрови – есеи, белешки, критики. Дали оваа жанровска слобода е и твој одговор на тоа што денес границите меѓу новинарство, литература и критика сè повеќе се бришат?

Марина: Мислам дека новинарството, литературата и критиката имаат еден заеднички корен, а тоа е – меракот за текст. „Јазикот е чудна ѕверка“ е хибридна збирка (не хибриден напад, ха-ха) на различни видови текст – куси лични истории, рецензии, интервјуа, записи, есеи, па дури и едно фан писмо што му го пратив на Ентони Лејн, мојот омилен филмски критичар од „Њујоркер“, за еден негов текст за Макс Опулс кој многу ми се допадна.

Не ни бев со намера да напишам книга, ама во првите месеци на пандемијата во таа општа тишина слушнав разни реплики од детството кои сум ги запамтила повеќе како мелодија, па се сетив и на детални слики врзани за тие реплики. Почнав да ги запишувам и како куси лични истории да ги објавувам на Фејсбук  под хаштагот #DeepPoolsOfNostalgia.  Многумина се осетија допрени од нив, а повеќемина ми кажаа оти некои од кусите лични истории ги доживуваат како краток филм. Потоа решив да ја измешам со сите различни видови текст што ги имав и така се собра книгата. На склопувањето на книгата му пријдов како како новинарска уредничка оти знаев дека првите 10 текста мора да се ударни за да го постават ритамот, а другото беше буквално случајно редење.  И види чудо – баш лесно се чита.

Трн: Кој филм најмногу те променил како човек?

Марина: Ниеден филм не ме променил како човек, но сите ме збогатиле со суштинско човечко споделување емоција. Ама, често мислам дека ако треба да гледам само уште еден филм тоа би бил „Персона“ на Ингмар Бергман, со Лив Улман и Биби Андерсон.  За мене тоа е ремек-дело и врв на неговото ионака супериорно творештво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни